Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во петокот дека Европа нема да може премногу да помогне во војната меѓу Иран и Израел.
„Европа нема да може да ни помогне во ова“, рече Трамп, по состанокот на министрите за надворешни работи на Германија, Франција и Велика Британија со иранскиот министер за надворешни работи.
По состанокот, Европејците го повикаа Иран да продолжи со дипломатските напори „без да чека крај на конфликтот“ за решавање на трнливото прашање за неговата нуклеарна програма, но Техеран рече дека е подготвен да ја разгледа дипломатијата само кога ќе престане „агресијата“ на Израел.
Трамп, исто така, рече дека неговата директорка на националното разузнавање, Тулси Габард, погрешила кога сугерирала дека нема докази дека Иран се обидува да развие нуклеарно оружје.
Габард сведочеше пред Конгресот во март дека американската разузнавачка заедница сè уште верува дека Техеран не работи на нуклеарна боева глава.
На 10 јуни, само три дена пред почетокот на израелските напади врз Иран, таа објави видео во кое предупреди дека „политичките елити и военоподбуцнувачите“ „неодговорно поттикнуваат страв и тензии“ што би можеле да го доведат светот „на работ на нуклеарно уништување“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата