Вознемирувачки прилог за Барон Трамп, синот на американскиот претседател Доналд Трамп, емитуваше иранската државна телевизија, со тврдења за неговото движење, секојдневниот живот и безбедноста. Во прилогот, кој траел околу три минути, се споменува и сума од 10 милиони долари во контекст на наводна награда за негово ликвидирање, но нема потврда дека станува збор за официјално објавена или реално понудена награда.
Телевизијата прикажала и снимки генерирани со помош на вештачка интелигенција, во кои Барон е претставен во дрес на фудбалскиот клуб Арсенал, како и додека игра на гејминг-конзола „Xbox“.
Во прилогот се изнесуваат и наводи за местата каде што тој наводно се движи и се среќава со други луѓе, меѓу кои се споменува и Трамп кулата во Њујорк. Притоа се тврди дека 20-годишникот има ограничен круг на комуникација и дека најчесто разговара со луѓе преку онлајн гејминг.
Следете a1on на Youtube
Дополнително, во емисијата било наведено дека дел од информациите биле добиени од девојка која наводно успеала да стапи во контакт со Барон Трамп и да ги заобиколи безбедносните протоколи на американската Тајна служба.
За овие тврдења не биле презентирани независни докази. Ниту, пак, е потврдена автентичноста на информациите изнесени во прилогот, кој предизвика реакции поради начинот на кој јавно се обработуваат лични и безбедносни детали поврзани со синот на американскиот претседател.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата