Реал Мадрид во саботата славеше минимална победа против Виљареал, а натпреварот го одбележа новиот испад на Винисиус Жуниор, кој предвреме мораше да го напушти теренот.
Бразилскиот репрезентативец за само неколку моменти помина од славје до бес. Напаѓачот на Реал Мадрид мислеше дека го постигнал вториот гол против Виљареал, но по интервенцијата на ВАР-системот погодокот беше поништен, а Бразилецот доби директен црвен картон.
Шпанскиот „Мундо Депортиво“ сега ги објави деталите за случувањата по одлуката на судијата Исидро Дијаз де Мера. Снимките што беа објавени ги открија и зборовите што Винисиус му ги упати на арбитерот.
„Црвен? Црвен?“, прашувал Бразилецот кога сфати каква одлука донел судијата.
Не можеше да го сокрие неверувањето, а соиграчите мораа да го задржуваат додека се приближуваше до арбитерот. Винисиус неколкупати го повтори истото прашање, а потоа се сврте кон Дијаз де Мера и го праша:
„Зошто го правиш тоа?“
Според извештаите на шпанските медиуми, оваа реченица ја повторил дури четири пати.
Од славје до конфликт со судијата
Да потсетиме, спорната ситуација се случи откако Винисиус ја затресе мрежата на Виљареал. Додека бразилскиот напаѓач го славеше голот, ВАР-судиите го повикаа главниот арбитар да ја прегледа ситуацијата во која Винисиус го повлекол за коса противничкиот фудбалер Натан Салиба.
По прегледувањето на снимката, Дијаз де Мера го поништи голот и му покажа директен црвен картон на Бразилецот поради повлекувањето на противникот за коса.
Во целата ситуација реагираа и останатите фудбалери на Реал. Џуд Белингам не можеше да поверува што се случува, а според објавените снимки, изјавил:
„Ова веќе не е фудбал.“
Притоа, Белингам гестикулираше кон трибините, повикувајќи ги навивачите да му дадат поддршка на тимот. Винисиус, од друга страна, продолжи да негодува, а на заминување кон соблекувалната извика:
„Какво лудило!“