Попладнево Реал Мадрид издаде официјално соопштение во врска со најновите изјави на претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас. Клубот го опиша неговото однесување како неприфатливо и го обвини за постојани јавни напади врз „кралскиот клуб“.
„Нашиот клуб смета дека е неприфатливо претседателот на Ла Лига да ја користи својата институционална позиција за да продолжи да го дискредитира и напаѓа Реал Мадрид на начинот на кој го прави тоа на секое јавно појавување“, се вели во соопштението.
Реал Мадрид изрази загриженост дека лицето кое треба да ги претставува и брани интересите на сите клубови во Ла Лига „продолжува да биде опседнато со Реал Мадрид“, претворајќи го клубот во постојана мета на неговите јавни критики.
Причината за последната реакција на шпанските гиганти беше коментарот на Тебас за статија од независен новинар во дигитален медиум. Реал Мадрид ја опиша неговата реакција како „особено сериозна и неразбирлива“, додавајќи дека претседателот на Ла Лига си дозволил и да ја оцени спортската стратегија на клубот.
„Ова е тотална неодговорност“, соопшти Реал Мадрид.
Клубот, исто така, го критикуваше Тебас за користење на своите лични канали и време за јавно напаѓање на Реал Мадрид, наместо да придонесе за градење доверба во институциите кои треба да ја гарантираат непристрасноста на натпреварувањето.
Според „кралскиот клуб“, ваквото однесување го оштетува имиџот на Ла Лига и шпанскиот фудбал низ целиот свет.
Како заклучок, Реал Мадрид изјави дека професионалниот фудбал во Шпанија итно има потреба од лидер кој може да го управува со потребната неутралност.
„Претседателот на Ла Лига не е сопственик на натпреварувањето, туку менаџер кој им служи на клубовите што го сочинуваат и му го довериле управувањето со него. Нам, клубовите ни треба некој што може искрено да ја изврши оваа мисија“, заклучи Реал Мадрид.
Comunicado Oficial.https://t.co/XDY0osLIK5
— Real Madrid C.F. (@realmadrid) September 22, 2026