Фудбалската репрезентација на Босна и Херцеговина има предност од 2:1 во првиот дел од решавачкиот натпревар во групата „Б“ на Светското првенство против селекцијата на Катар. Босанците одиграа совршени 35 минути од средбата, по што дозволија Катар да ја преземе иницијативата, да постигне гол и комплетно да ја врати неизвесноста.
БиХ поведе со прекрасниот гол на Бајрактаревиќ во 29. минута, а по еден волеј на Џеко во 34. минута Султан Ал Браке погоди во сопствената мрежа и им донесе водство на противниците од 2:0. Катар успеа да се врати со голот на Ал Хајдос во 43 минута, а во судиското продолжение Мигел ја погоди стативата и малку недостасуваше Катар да израмни. Претходно при водство од 2:0, Џеко го погоди дирекот од голот на Катар.
На вториот меч од групата кој се игра во Ванкувер, Швајцарија и Канада отидоа на пауза со 0:0. И двете селекции повеќе гледаа да се пресметуваат на теренот, отколку што успеаја да креираат шанси за гол.