Селекторот на Бразил, Карло Анчелоти, официјално објави дека последното Светско првенство ги заврши репрезентативните кариери на тројца клучни играчи. Нејмар, Данило и Касемиро повеќе нема да го носат жолтиот дрес, но Анчелоти планира да ја изгради иднината на тимот околу личности како Маркињос.
„Мојата авантура со репрезентацијата заврши. Напишав историја со неа и многу сум среќен поради тоа. Поминав низ толку многу. Дадов сè од себе, секогаш се борев за жолтиот дрес, но верувам дека повеќе немам желба да го правам тоа.“ Со овие зборови, Нејмар пред неколку дена даде јасен знак дека повеќе нема намера да ја носи репрезентацијата на Бразил.
Селекторот Карло Анчелоти, од своја страна, потврди дека тројца од играчите избрани за последното Светско првенство ќе ги завршат своите кариери на репрезентативно ниво.
Во изјава за „Глобо“, италијанскиот стратег стави крај на шпекулациите и ја претстави иднината на „Селесао“, која ќе биде без некои од најголемите ѕвезди од последната деценија.
„Мислам дека ова Светско првенство означува крај на една генерација многу важни играчи. Почнувајќи од Нејмар, но и од Данило и Каземиро – сите оние играчи кои имаа над 30 години за време на турнирот“, рече Анчелоти.
По зборовите на тренерот, јасно е дека навивачите повеќе нема да ги гледаат трите главни столба на тимот во националниот дрес – Нејмар, Данило и Каземиро.
И покрај заминувањето на клучните фигури, Анчелоти нагласи дека не планира целосна револуција во составот. Тој има намера да задржи јадро од искусни играчи околу кои ќе го гради новиот изглед на тимот.
„Нема да кажам дека ќе ги заменам сите 26 играчи. Ќе задржиме важни играчи кои можат да ја продолжат нашата работа, како Маркињос, да наброиме само еден“, додаде тренерот. Со тоа даде јасен сигнал дека ќе се потпре на дефанзивецот како еден од лидерите во следниот циклус.