Навивачките организации веќе долго време ја обвинуваат ФИФА дека практично ги исклучува обичните фудбалски навивачи од трибините со претерани цени. И покрај тврдењата на светските фудбалски лидери дека се евидентирани рекордни 500 милиони барања за резервации, интересот за поединечни натпревари очигледно не ги оправда очекувањата.
Проблемите станаа видливи веќе на почетокот на турнирот, кога телевизиските преноси од натпреварот меѓу Јужна Кореја и Чешка во Гвадалахара покажаа големи празнини на трибините.
За дуелот меѓу Англија и Хрватска, најевтините билети на пазарот чинат 867 долари, додека најскапите ВИП пакети достигнуваат дури 9.225 долари. Ексклузивните салонски простори и услугите за кетеринг се вклучени во цената на најлуксузните пакети.

На официјалната платформа на ФИФА за пакети за гостопримство, цените се движат од 2.430 до 3.150 долари. Пакетот „Клуб на шампиони“ вклучува седишта со одличен поглед на теренот, пристап до ексклузивни зони, понуда за премиум пијалоци и комплетен оброк пред и по натпреварот.
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, ја бранеше политиката на цени на организацијата, истакнувајќи дека просечната цена на билетите е помала од 500 долари и е споредлива со цените за најголемите спортски настани во Северна Америка.
Инфантино нагласи дека пониските почетни цени само ќе поттикнат препродажба во многу пати повисоки износи, при што профитот ќе заврши кај препродавачите, а не кај фудбалот.
Сепак, според извештаите на медиумите, речиси 180.000 билети за натпреварите од групната фаза се уште се достапни на официјалните платформи за препродажба. Околу 4.400 билети беа понудени само за првиот натпревар на репрезентацијата на САД против Парагвај, додека најевтиниот билет чинеше 1.120 долари.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата