И тоа каква “бомба“ од Саудиска Арабија. Кристијано Роналдо го купува клубот за кој што игра сега. Имено конзорциум од инвеститори, меѓу кои Кристијано Роналдо и Гери Кардинале, сопственик на Милан, подготвува понуда за купување на саудискиот клуб Ал-Наср од Фондот за јавни инвестиции (PIF) на земјата. Покрај Роналдо и Кардинале, кој ја предводи компанијата RedBird Capital Partners, групата ги вклучува и претприемачите Ибрахим Ал-Мухаидиб, Мохамед Ал-Кураиџи и Шараф Ал-Харири. Веста првпат ја објави спортскиот аналитичар Наваф_СТАТС, а ја потврдија и италијанските медиуми, според португалскиот весник А Бола.
Според планот, секој од петте членови на конзорциумот ќе инвестира најмалку 100 милиони долари, што е приближно 92 милиони евра. Таквата инвестиција би обезбедила значителен капитал за структурата и работењето на клубот од Ријад. Со спроведувањето на овој договор, Кристијано Роналдо повеќе нема да биде само прва ѕвезда на тимот, туку и ко-сопственик на клубот за кој игра. Ова би претставувало уникатен аранжман во кој активен играч станува и акционер во институцијата. Ал-Наср му плаќа на Роналдо 200 милиони долари годишно.
Преговорите влегуваат во својата последна фаза. Се очекува претставници на RedBird Capital и други инвеститори да се сретнат со раководството на PIF во следните 48 часа. На состанокот ќе се одлучи дали саудискиот суверен фонд ќе ја прифати понудата и ќе ја отстапи контролата врз Ал-Наср или преговорите ќе бидат прекинати. Исходот би можел да има значително влијание врз глобалниот фудбалски пазар. Роналдо (41) е во Ал Наср од почетокот на 2023 година. Оттогаш, тој постигна 126 гола и асистира на 24 на 148 натпревари.