Водата во Гостивар и натаму не е за пиење. И покрај преземените мерки и отстранувањето на фекалните колиформни бактерии од водоводната мрежа, граѓаните се уште можат да ја користат водата само за технички потреби, информираше премиерот Христијан Мицкоски. Сепак, при прочистувањето и хлорирањето била регистрирана и нова резидуална бактерија.
„Во овој момент водата во Гостивар останува да се користи како техничка, без да има насоки за да биде користена за пиење и готвење. Во инсталацијата веќе ги нема оние фекални колиформни бактерии, но се појави нова резидуална бактерија која е присутна поради тоа што долго време инсталациите не биле користени, па сега со прочистувањето и хиперхлорирањето се појавува во нив. Очекувам и овој предизвик да биде надминат, по што конечно ќе се одобри водата и за пиење и за готвење.“
Надлежните служби продолжуваат со прочистување, дезинфекција и микробиолошки мониторинг на водоводната мрежа.
Водата ќе може повторно да се користи за пиење и готвење откако ќе бидат завршени контролите и ќе биде добиено официјално одобрение од надлежните институции.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата