Социјалните трансфери со вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година се зголемуваат за околу 3,65 милијарди денари и достигнуваат 212 милијарди денари, при што дополнителни средства се обезбедуваат за пензии, социјални надоместоци и здравствена заштита. Ова го истакна пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, во обраќањето во Собранието.
Според него, со ребалансот се усогласуваат приходите и расходите, а буџетскиот дефицит останува на 46,3 милијарди денари, односно 4,1 процент од проектираниот БДП. Вкупните приходи се планирани на 374,2 милијарди денари, а расходите на 420,5 милијарди денари.
Стојаноски посочи дека од дополнителните средства за социјалните трансфери, 1,44 милијарди денари се наменети за социјални надоместоци, 1,34 милијарди за пензии и околу 887 милиони денари за здравствена заштита. Тој нагласи дека овие обврски имаат приоритет и дека исплатите мора да бидат навремени.
Во однос на капиталните расходи, посочи дека тие се намалуваат за околу 5,7 милијарди денари во споредба со претходниот ребаланс и се планирани на 40,12 милијарди денари. Според него, намалувањето делумно се должи на проекти чии тендерски постапки не можат да завршат до крајот на годината, како и на корекции кај одредени енергетски обврски.
Пратеникот наведе дека капиталните расходи до септември достигнале 25,3 милијарди денари, што е раст од 23,9 проценти во споредба со истиот период минатата година. За Коридорите 8 и 10-д, според неговото обраќање, биле издвоени 6,3 милијарди денари, а за инфраструктурни проекти во општините 3,6 милијарди денари.
Стојаноски се осврна и на економските показатели, наведувајќи дека реалниот раст на БДП во првото полугодие изнесувал 3,7 проценти, а странските директни инвестиции достигнале 279,1 милион евра, со раст од 52,3 проценти во однос на истиот период лани.
Тој најави и дополнителна поддршка за земјоделците, меѓу која 150 милиони денари во Интервентниот фонд за производителите на ориз, како и продолжување на инфраструктурните проекти.
Стојаноски порача дека вториот ребаланс има цел да ги заштити најважните обврски кон граѓаните, да обезбеди реално планирање на јавните средства и да овозможи продолжување на развојните проекти. Најави дека пратениците од парламентарното мнозинство ќе го поддржат предлогот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата