Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски најави нови решенија за патната инфраструктура и крајбрежјето, посочувајќи дека со Албанија се работи на алтернативна рута за автопатот Ќафасан–Требеништа. Во исто време, тој информираше дека добро напредува изградбата на патот Извор–Гарски Мост, додека автопатот од Тетово се очекува да биде завршен за три години. Николоски најави и дека до крајот на годинава треба да биде изготвен закон за крајбрежјата на Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро, со кој треба да се уредат и досегашните проблеми со плажите.
-Во однос на Коридорот 8, трасата Ќафасан – Требеништа, јасна е препораката – да се изнајде алтернативна рута или друга, различна од оваа што беше во рамки на договорот и да биде дискутирана со Албанија. Ние веќе интензивно комуницираме со Република Албанија и разгледуваме одредени опции. Автопат ќе се гради, не е веќе прашање дали ќе се гради и тоа е добрата вест од препораките на УНЕСКО. Она што треба да се направи е само да се избере соодветна рута за да не наштети ниту на културно-историското наследство, ниту на биодиверзитетот. И ова не е прв проект во кој ќе се промени рута. Аавотпатот од Гостивар до Букојчани имаше една рута, но имаше и некои работи поврзани со екологија и заштита на ретки пештери од кои едната е можеби најзначајната во цела југоисточна Европа и решивме да ја промениме трасата, да одбереме траса со што ќе се заштити се што треба. Истото ќе го направиме и тука, нагласи министерот, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на Струга.
Во однос на автопатот од Тетово, рече дека првите километри од првата делница Тетово – Гостивар ги очекува следната година, а целосното завршување во 2029 година.
-Вториот дел, до Букојчани, каде еден од клучните мостови веќе се изгради, очекувам да се заврши до крајот на 2029 година, додека за делот Букојчани – Кичево се чека одлуката на ЕБРД. Штом ја имаме, ќе го кажам и рокот, но согласно првите предвидувања, е околу три години, посочи Николоски.
Тој дополни и дека е во постојана комуникација со градоначалниците на Охрид, Ресен и Дојран во однос на крајбрежјата на трите природни езера.
-Во финална фаза е изрбаотката на законот што ќе ги реши сите прашања. Досега немало закон за крајбрежјата на трите езера. Ова е прв закон, за Охридско имаме и препорака од УНЕСКО која во законот ќе биде целосно испочитувана. Си дадовме задача до крајот на годината да го завршиме, за да се завршат и постапките, за со почетокот на сезоната март-април да ги немаме ситуациите што ги имавме досега, објасни Николоски.
За патот Извор – Гарски Мост најави дополнителен јавен повик за тендерирање на работите, додека за клучката во близина на реката Треска, напомена дека е работена по сите еколошки стандарди.
-Таму добро оди динамиката, иако наследивме големи проблеми со свлечишта. Се работи за добар проект, зашто многу ќе се скрати патувањето и нема да се оди преку Маврово и Радика. Следниот период ќе се прави дополнителен јавен повик за тендерирање на работите. Кај спојката меѓу двата автопата Охрид – Кичево и Извор – Гарски Мост или Кичево – Дебар, има клучка која е во близина на реката Треска и работена е по сите еколошки стандарди. Се изработија специјални резервоари за вода за целосна заштита, немаше водовод и канализација, а сега целосно се изградија и се уреди целиот простор, кој се надевам дека ќе се користи кога автопатот ќе биде пуштен во функција, рече министерот Николоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата