Премиерот Христијан Мицкоски не резмислува за предвремени парламентарни избори и вели дека приоритет во овој период се реализацијата на проектите и развојните политики на Владата. Тој посочи дека фокусот е насочен кон подобрување на стандарот и квалитетот на животот на граѓаните, додека прашањата поврзани со избори не се дел од актуелната агенда.
Во однос на влокираните закони во Собранието, поради недостиг на Бандинтерово мнозинство или филибастеринг од страна на опозцијата, Мицкоски порача дека Владата ја завршила својата работа, а понатамошните чекори се во надлежност на Парламентот.
„Јас сум фокусиран на работа. Како претседател на Владата се занимавам со започнување на нови проекти, како автопатот Блаце – Скопје, делницата Букојчани – Кичево, како и со проектите на Коридорот 8 и третата фаза од железничката пруга, за која тендерот ќе биде објавен оваа или следната недела. Тоа се проектите што ќе донесат подобар квалитет на живот за граѓаните “– изјави Мицкоски при посетата на Општина Илинден.
Тој додаде дека политичките пресметки и калкулации им ги остава на опозициските партии, нагласувајќи дека негов приоритет останува развојот на државата.
„Додека сум претседател на Владата, ќе зборувам за проекти. Предлог-законите се веќе во собраниска процедура. Владата ги подготви, ги поминаа сите потребни процедури и сега се во надлежност на Собранието. Тоа е прашање за пратениците“ – рече премиерот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата