Градоначалникот на Демир Капија Лазар Петров доби кривична пријава од ОВР Неготино за загадувањето на водата во Прждево во текот на неговиот претходен мандат.
Кривична пријава до Основното јавно обвинителство Кавадарци е поднесена и против П.Ј.(50) од Неготино, против Општина Демир Капија и Јавно претпријатие за комунални работи „Бошава“ од Демир Капија, поради постоење основи за сомнение дека сториле кривично дело „загадување на животната средина и природата“ по член 218 од Кривичниот законик.
Во периодот од јуни до октомври 2025 година, Петров во својство на тогашен градоначалник на општина Демир Капија и П.Ј., во својство на тогашен директор на јавното претпријатие за комунални работи „Бошава“, овозможиле инсталирање на несоодветна електрична и водоводна мрежа на претходно избушен бунар за вода за пиење во село Прждево, Демиркаписко, без да поседуваат документација за техничка исправност на бунарот.
Во наведениот период во повеќе наврати овозможиле дотур на водата до резервоарот за вода за пиење и со тоа ги занемариле законските обврски и дозволиле бунарот да биде слободно достапен на жителите на село Прждево, со што придонеле за загадување на водата за пиење, која била закана по здравјето на околу 120 жители на селото.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата