logo
logo
logo

Откочени се проектите од коридорите 8 и 10

„Сега се испорачуваат резултати – КЛУЧНА РАЗЛИКА ОД ПРЕТХОДНАТА ВЛАДА“

Vecer | 31.07.2025

„Сега се испорачуваат резултати – КЛУЧНА РАЗЛИКА ОД ПРЕТХОДНАТА ВЛАДА“

На денешната пленарна седница за пратенички прашања, вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во својот говор се осврна на реализацијата на железничката пруга од коридорите 8 и 10, истакнувајќи ја суштинската разлика помеѓу актуелната и претходната влада.

Тој нагласи дека оваа Влада е посветена на работа и остварување резултати, за разлика од претходните години кога, според него, имало стагнација и недостиг на конкретни проекти.

Николоски посочи дека минатата власт непромислено влегла во проектот за изградба на железничката пруга кон Бугарија, дел од Коридорот 8, без претходна анализа и договор со бугарската страна за реализација на проектот. Тој дополни:

„Ние рековме дека нема да потрошиме над половина милијарда евра пари на македонските даночни обврзници за проект којшто завршува во слеп тунел и затоа влеговме во сериозни преговори со Бугарија за да побараме и тие да инвестираат.“

Според Николоски, имало три клучни барања до Бугарија, кои биле прифатени пред еден месец.

„Првото барање беше да го доизградат својот дел којшто недостасува, второто барање беше од Софија до Ѓуешево каде на хартија има пруга, но е нефунционална, да вложат пари и да ја изградат, а третото барање беше тунелот да се изгради целосно“, прецизираше Николоски.

Тој информираше дека во моментов се преговара за финалната верзија на текстот што треба да биде потпишан од двете страни, а Бугарија веќе распишала тендер за изградба на целосно нова пруга на релација Софија – Ѓуешево. Следната фаза, според најавите, ќе бидат преговорите со Албанија за изградба на западниот дел од Коридорот 8.

Во однос на брзата пруга од Коридорот 10, Николоски рече дека досега немало активности на овој дел, но дека сега се пристапува многу амбициозно кон проектот.

„Потпишавме договор со економската и политичка сила број 2 во светот – Велика Британија“, изјави тој. Тој додаде:

„Знам дека многумина очекуваа да потпишеме со некои други сили кои не се од Западот, туку се од Истокот, но тоа не се случи и знам дека сега не знаат што да кажуваат, па се изнаслушавме се и сешто од коешто ниедно не е аргумент, затоа што пропагандата беше спремана дека ќе потпишеме договор со некои други држави кои не се дел од овој западен свет.“

Како резултат на тој договор, како што рече, сега има понуди од 16 врвни институции и банки чии имиња ќе бидат објавени во јавноста.

„Претходните влади можеле само да сонуваат да ги видат овие банки на гости да дојдат во Македонија, камоли да даваат понуди за финансирање на толку големи проекти. На тие од банките да им кажевте на мапа да ја најдат Македонија, не можеа да ја најдат во ваше време“, рече Николоски, одговарајќи му на пратеникот Митко Трајчулевски од СДСМ.

Во врска со можноста за користење на грантови од Европската унија за вакви големи инфраструктурни проекти, Николоски објасни дека доколку државата беше членка на ЕУ, би имала пристап до поголеми грантови, но дека за да станеме членка треба да ја промениме националната историја, култура и јазик.

„Бајките што се споменуваат во јавност дека ова можело да се гради со грант, се неточни. Можно е, ако некогаш се променат околностите. Во догледно време имајќи предвид дека нема да се променат околностите, ние нема да застанеме да не ја развиваме државата затоа што човек треба да е слеп и да не ја види реалноста. Ако од една страна имате таков напад каков што се случи во Европскиот парламент да не сакаат јазикот и нацијата да ни ја признаат, веројатно не треба да сте наивни и да верувате дека утре ќе не примат и ќе можеме да користиме грантови. Едното со другото не оди“, нагласи министерот Николоски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk