logo
logo
logo

ЧАИР ГО ЗНАЕ ПОМАЛКУ ОД БУГАРИЈА „Пред одлука сум да СЕ КАНДИДИРАМ“

Vecer | 07.07.2025

ЧАИР ГО ЗНАЕ ПОМАЛКУ ОД БУГАРИЈА „Пред одлука сум да СЕ КАНДИДИРАМ“

„Размислувам, веќе се разговара за тоа во партијата. Чаир е многу важна општина за ДУИ и Фронтот, меѓутоа сега сум во фаза на слушање на граѓаните, на соседите, на луѓето од маало, дали би влегле во еден таков потфат“, вели потпретседателот на ДУИ и поранешен министер, Бујар Османи, во гостување на МРТ 1, прашан дали ќе се кандидира за градоначалник на Општината Чаир на претстојните локални избори.

Потпретседателот на ДУИ вели дека одговорноста е на оној што потпишува и раководи со институцијата. Како партија, единствено би можеле да бидат прашани зошто не дознале за овие случувања порано, оти имале таква обврска, но и покрај тоа што живее во Чаир, лично не знаел за ваквите појави.

„Ние може да кажеме дали некој објект бил или не бил, и тоа е друго прашање, но каква била процедурата за легализација, тоа може да го знаат само луѓето кои тоа го направиле. Јас не би сакал ова прашање да биде дел од кампањата бидејќи луѓето ќе мислат дека ова е прашање на политичка одмазда. Арсовска го кажа тоа што го кажа, институциите треба да си работат професионално, ДУИ нема да ја злоупотреби таа ситуација“, рече Османи.

Османи вели дека постојат анкети кои се прават во моментов и оти тие се добри за него, што значи дека граѓаните даваат поддршка за еден таков заеднички потфат, но дека нему лично му е важно да седне лице в лице со нив и да види дали би влегле во широка коалиција за Чаир, бидејќи овие локални избори имаат повеќе импликации отколку само општинските прашања.

„Чаир е место кое, за жал, имплодира и е заложник на една лоша политика повеќе од пет мандати, но доколку се донесе таква одлука, сакам да биде заедничка. Доколку граѓаните на Чаир и јас сметам дека од тоа нешто може да се направи подобро, тогаш би размислувал во тој правец, но во оваа фаза оставаме да видиме и не можам да кажам дали ќе бидам официјално кандидат или не“, рече Османи.

Во однос на тоа дали е можно во октомври да се случи соочување помеѓу Бујар Османи и Изет Меџити и што ќе значи тоа за Чаир, тој вели дека станува збор за иста политика без разлика дали ќе се кандидира Висар Ганиу (актуелниот градоначалник) или Изет Меџити и дека Чаир станало место во кое не може да се живее нормално.

На новинарска забелешка дека партијата на Османи не може да се амнестира од оваа состојба оти до 2022 г. Меџити и Ганиу беа дел од ДУИ, тој одговори оти политичката одговорност има име и презиме на раководителите на општината.

Прашан дали можната кандидатура за Чаир доаѓа од логиката дека дури и ДУИ да стане дел од Владата во одреден момент, а Мицкоски никогаш не би прифатил тој да биде министер, Османи рече дека разликата помеѓу ДУИ и ВЛЕН е токму во тоа што тие не прифаќаат инженеринг и учество во влада, при што нејзиното учество би било диктирано од коалицискиот партнер.

„Не поради Бујар Османи, туку поради принципи Али Ахмети никогаш не би дозволил да има таков политички инженеринг. Се почитува волјата на граѓаните и се постапува согласно тоа. Бујар Османи на последните претседателски избори доби 120.000 гласа, што значи доби целосен легитимитет од Албанците и доколку дозволат Албанците или ДУИ да се наметне волјата на коалицискиот партнер врз Албанците, тоа веќе не е партнерство, туку она што го гледаме со ВЛЕН – вазалство“, рече Османи.

И Арбен Таравари ќе биде дел од „Национална алијанса за интеграција“ на претстојните избори заедно со Зијадин Села

Се подготвува формирање широка коалиција на партиите на Албанците за претстојните локални избори, во која ќе се вклучат не само ДУИ и Алијанса за Албанците, туку и граѓански организации и други политички субјекти, најавува Бујар Османи.

Според него, оваа коалиција има поширока цел од чисто општинско изборно сојузништво.

Во неа, рече Османи, ќе учествуваат и Арбен Таравари и Зијадин Села.

„Се формира еден голем фронт, не само со Арбен Таравари туку и со граѓански организации. Јас би сакал кампањата за локалните избори да биде чиста општинска кампања, комунална кампања. За жал или, можеби, не за жал, станува референдум кај Албанците и затоа ова станува еден фактор на атракција. Сите политички партии да станат дел од оваа страна на референдумот“, изјави Османи.

Оваа иницијатива, според него, претставува национална алијанса за интеграција, која има цел да се спротивстави на, како што го нарече, „политичкиот инженеринг“ што го донеле ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН.

Прашан дали Села и Таравари можат меѓусебно да се толерираат како дел од иста коалиција, потпретседателот на ДУИ одговара дека локалните избори се прашање над теснопартиските интереси.

„Да, затоа што прашањето ги надминува политичките и партиските поларизации. Ова станува прашање коешто ги окрупнува сите Албанци. Вие излезете каде било низ град ќе видите дека една тема се разговара – незадоволството и гневот на Албанците кон ова понижување“, истакна тој.

Во коалицијата, според најавите, ќе има простор за сите политички партии на Албанците, но и за структури од други етнички заедници, вклучувајќи ги и партиите на Турците.

Кандидатите за клучните општини како Гостивар, Струга, Чаир и Тетово ќе бидат предмет на внатрешни договори во рамките на новоформираниот блок.

„Тоа ќе биде договор во којшто сите ќе бидат претставени со свои кандидати и во листите и за градоначалнички позиции бидејќи, како што реков, ова ги надминува партиските разлики“, додаде Османи.

Тој не откри конкретни имиња за кандидатите во некои општини, но потврди дека се водат разговори, а имињата ќе бидат формално потврдени преку внатрешни тела на коалицијата. Во ДУИ се подготвени, на пример, да немаат кандидат за градоначалник во Гостивар и да го поддржат фаворитот на Таравари.

Јас не би сакал ова прашање да биде дел од кампањата бидејќи луѓето ќе мислат дека ова е прашање на политичка одмазда

На новинарско прашање дали Данела Арсовска е алтер его на ДУИ во овие активности, Османи вели дека таа била кандидат на партиите што се дел од ВЛЕН и оти ДУИ своевремено дала поддршка за нејзиниот противкандидат на локалните избори.

„ДУИ не е поврзана на никој начин со кампањата на Арсовска, напротив, тоа треба да биде прашање кое институциите треба да го водат. ДУИ на ниеден начин не се налепува на тоа што го прави Данела, ние си имаме наш поглед во однос на тоа што се случува во Чаир и тоа ќе го покажеме во текот на кампањата“, кажа Османи.

Доколку тој се кандидира и победи на локалните избори, од позиција на градоначалник на Чаир, вели дека неговиот однос кон оваа тема ќе биде дефиниран од институциите кои се одговорни за тоа и оти потоа ќе постапува согласно насоките и одлуките што ќе бидат донесени од нивна страна.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk