logo
logo
logo

20 УНГАРСКИ СТИПЕНДИИ ЗА МАКЕДОНСКИ СТУДЕНТИ за наука, технологија, инженерство, математика, медицина и земјоделство

Vecer | 13.06.2025

20 УНГАРСКИ СТИПЕНДИИ ЗА МАКЕДОНСКИ СТУДЕНТИ за наука, технологија, инженерство, математика, медицина и земјоделство

Македонските студенти ќе можат да користат 20 стипендии годишно за да студираат во Унгарија на унгарски или на странски јазик. Приоритет ќе имаат апликанти кои сакаат да студираат во областа на наука, технологија, инженерство и математика (СТЕМ), како и медицински и здравствени науки и земјоделство, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).

Стипендиите ќе се доделуваат за редовни додипломски, постдипломски, едностепени магистерски студии и за докторски студии. Исто така и за скратени студии од три до десет месеци за стекнување академски кредити.

Меморандумот за разбирање со кој се регулира соработката во рамките на Програмата Стипендиум Хунгарикум за периодот 2026–2028 година денеска го потпишаа министерката за образование и наука Весна Јаневска и унгарскиот министер за надворешна политика и трговија Петер Сијарто.

Меморандумот предвидува студентите да добиваат платена школарина, сместување во студентски домови во кампусот на високообразовната институција или средства за покривање на трошоците за сместување, право на здравствени услуги, користење на бесплатни библиотечни услуги, како и месечен надоместок за покривање на основните трошоци.

Министрите Јаневска и Сијарто се согласија дека потпишувањето на Меморандумот ги потврдува и јакне пријателските односи меѓу двете земји и ја унапредува соработката во областа на високото образование, во интерес на развој на општество базирано на знаење.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk