Вистински хорор се одвивал во поликлиниката „Букурешт“ во скопската населба Карпош, каде познатиот гинеколог д-р Дејан Огненовиќ бил брутално физички нападнат на работното место додека ги прегледувал своите пациенти, пренесува „Слободен Печат“. Инцидентот се случил на 16 септември, кога машко лице влегло во ординацијата и го удрило докторот во пределот на вратот, оставајќи го во критична состојба со привремена загуба на чувствителноста во рацете.
Според медицинската документација од ТОАРИЛУЦ, издадена веднаш по пријавувањето во полиција, лекарот здобил тешка повреда – скршеница на вториот вратниот пршлен. Вратот му е имобилизиран со тврд околувратник, а поради сериозноста на ударот бил зафатен и пределот на вилицата со потешкотии при отворањето на устата.
Зад овој подмолен напад, според семејството на оштетениот, стојат длабоки мотиви поврзани со пациентско ривалство. Јавноста и семејството бараат итна одговорност и конкретни мерки од МВР и ОЈО Скопје.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата