ЈП „Колекторски систем – Скопје“ повеќе од 35 години работи без дозвола за собирање, одведување и пречистување на отпадни води, покажува ревизијата на Државниот завод за ревизија за 2024 година. Ревизорите утврдиле бројни неправилности, поради што дале неповолно мислење за реалноста на финансиските извештаи и за усогласеноста со законската регулатива.
Претпријатието се соочува со сериозни финансиски проблеми. Вкупните обврски достигнуваат 493.108 илјади денари (над 8 милиони евра), а сметката му е блокирана уште од основањето. Во 2024 година фактурирани се само околу 33% од испуштената пречистена вода – 3.736.453 кубни метри од вкупно 11.300.390 кубни метри.
Во финансиските извештаи се евидентирани и побарувања од ЈП „Водовод“ Охрид и ЈП „Водовод и канализација“ Струга во вкупен износ од 364.491 илјади денари (околу 5,9 милиони евра), преземени по статусна промена во 2019 година. Но, претпријатието нема направено процена за нивната наплатливост, што, според ревизорите, доведува до необјективно прикажување на финансиската состојба.
Инфраструктурата на системот – цевковод долг 40,9 километри, пумпни станици и пречистителна станица – изградена пред повеќе од три децении, сè уште не е запишана во катастарот на инфраструктурни објекти. Освен за парцела од 812 квадратни метри кај пумпната станица Подмоље, претпријатието нема имотни листови ниту за објектите ниту за земјиштето под нив.
Во Централниот регистар сè уште не е евидентиран дел од основната главнина во износ од 251.452 илјади денари (околу 4,1 милион евра), преземен по присоединувањето на РЕ „Колектор“ Струга од МЈП „Проаква“ во 2019 година.
Ревизијата нотира и исплата на паушални адвокатски услуги од 519 илјади денари (8.439 евра) без соодветна документација, по договор склучен во 2020 година на 10 години, со неповолни услови за претпријатието.
Дополнително, системот нема протокомери за мерење на влезната отпадна вода, нема СКАДА-систем за мониторинг, ниту резервни агрегати за електрична енергија. Претпријатието нема ни сопствен информациски систем за корисници, па ги користи базите на водоводните претпријатија од Охрид, Струга и Дебарца.
Според ревизијата, финансиските показатели укажуваат на сериозен ризик за ликвидноста. Просечниот рок за плаќање на обврските кон добавувачите е 1.139 дена, односно повеќе од три години, додека наплатата на побарувањата трае во просек 333 дена.
Ревизорите препорачуваат изработка на план за финансиска стабилизација, со мерки за деблокирање на сметката, наплата на побарувањата, намалување на задолжувањата и оптимизација на трошоците, со цел долгорочна одржливост на работењето и подобра заштита на Охридското Езеро.
Што е ЈП „Колекторски систем“?
Јавното претпријатие Колекторски систем – Скопје е основано во декември 2018 година со Одлука на Владата на Република Македонија. Основната примарна дејност на претпријатието е собирање, одведување и прочистување на отпадни води преку канализациски системи, пречистителни станици и колекторски системи, како и нивно контролирано испуштање во реципиентот, со цел заштита на Охридското Езеро.
Колекторскиот систем има вкупна должина од 40,9 км и се состои од: примарен (источен и магистрален) колектор, кој се протега од пумпна станица Елешац до пречистителна станица Враништа, во должина од 26,7 км и западен колектор, кој се протега од Елен Камен до пречистителна станица Враништа со должина од 14,2 км.
Јавното претпријатие има својство на правно лице, со седиште во Скопје.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата