Двегодишно дете од Куманово заврши во болница откако се затруло со средство за разредување боја. Случајот бил пријавен во кумановската полиција откако детето било донесено во Општата болница во Куманово, од каде по укажаната медицинска помош било пренесено во скопските клиники „Мајка Тереза“ за понатамошно лекување.
Според информациите од СВР Куманово, вчера околу 14 часот било пријавено дека кај нив било донесено двегодишно дете од Куманово со симптоми на труење од хемиско средство за разредување на боја.
Лекарите му укажале помош, по што поради потребата од дополнителен третман детето било транспортирано во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Ова е уште еден случај на труење на дете во кумановскиот регион. Минатата година беа регистрирани повеќе вакви инциденти, во кои деца се затруле откако консумирале средства за чистење, дезинфекција, но и лекови.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата