Министерството за внатрешни работи распиша конкурс за прием на 150 униформирани полициски службеници. Може да се пријави кој било млад човек, со завршено средно образование, кој е повсок од 170 сантиметри, ако е маж, односно од 160 сантиметри, ако е жена. Примените кандидати ќе добијат едногодишна обука.
„Биди полицаец. Биди хуман. Создај ред. Чувај ги граѓаните. Поседуваш храброст, солидарност и чесност. Висок морал, интегритет и дисциплина. Ако тоа се твоите човечки квалитети, тогаш полицијата е вистинскиот избор за тебе. Улогата на полицијата е клучна во едно општество, бидејќи таа е гарант на безбедноста, сигурноста и владеењето на законот“, се вели во повикот од МВР.
Ако се одлучиш да го следиш својот повик, да го прифатиш предизвикот, те очекува едногодишен интензивен процес на образование, тренинг и обука, се додава во повикот.
„Обучувачите и менторите кои се квалификувани експерти во своите области, ќе бидат секојдневно со тебе додека ги усвојуваш правните и другите теориски знаења, полициското делување и тактики и сите други практики со кои изобилува полициската обука. Обуката се одвива во Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи кој се стреми да биде еден од најдобрите и најелитни центри за обука во Европа. Центарот кој е со стекнати меѓународни акредитации ќе те подготви максимално професионално да ја извршуваш полициската професија. Преку следење на современите трендови, центарот постојано се унапредува за врвна професионална едукација и специјализации на вработените во безбедносните структури, со имплементација на најдобрите практики и меѓународни искуства од врвните европски и светски полициско безбедносни стандарди. Овде е вистинското место за сите млади и амбициозни луѓе со желба за личен професионален развој и напредок“, додава МВР во повикот до младите лица.
Кандидатите треба да се полнолетни државјани на Македонија, не постари од 25 години.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата