logo
logo
logo

ОСУДА ЗА ИНЦИДЕНТОТ - Реакција на ПОГЛАВАРИТЕ по обидот за пожар врз Еврејската заедница

Vecer | 15.04.2026

ОСУДА ЗА ИНЦИДЕНТОТ - Реакција на ПОГЛАВАРИТЕ по обидот за пожар врз Еврејската заедница

Обидот на опожарување на објектот на Еврејската заедница и синагогата „Бет Јаков“ претставува удар врз мирот, стабилноста и соживотот, кои со векови се негуваат на македонска почва и врз кои се темели нашето општество. Секое посегнување по туѓата светиња, без оглед на која верска заедница ѝ припаѓа, значи нарушување на основните вредности на почит, слобода и човечко достоинство. Непочитувањето на светињата на другиот е и непочитување на сопствената светиња - стои во реакцијата на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи и на лидерите на петте верски заедници во државата, што денеска на прес-конференција ја прочита директорката на Комисијата, Оливера Трајковска. 

Таа рече дека изразуваат осуда по повод немилиот настан што се случи во раните утрински часови на 12 април и изразуваат солидарност и поддршка кон Еврејската заедница. 

- Затоа, во духот на заедништвото меѓу религиската соработка и заемното разбирање упатуваме повик до сите граѓани да покажеме одговорност, разум и доблест и да останеме чувари на соживотот. Заемната почит е меѓу најголемите вредности што ги поседуваме, па да ја чуваме и да ја оставиме како аманет за идните поколенија - додаде Трајковска.

На прес-конференцијата беа присутни поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, г.г. Стефан; скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх, Киро Стојанов; поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема Шаќир Фетаху; претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви; и суперинтендантот на Евангелско-методистичката црква, пасторот Марјан Димов.

Претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви, истакна дека изразуваат реакција, која истовремено е осуда и знак на поддршка за Еврејската заедница бидејќи во Македонија верските заедници негуваат долгогодишна соработка, конструктивен дијалог и меѓусебна поддршка на секое поле. 

Одговарајќи на новинарско прашање, од една страна, тој рече дека нема нови елементи во врска со немилиот настан, ниту инсистираат да ги добијат во интерес на истрагата, а од друга, посочи, важно ни е да се фатат сторителите, меѓутоа не е есенцијално. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk