logo
logo
logo

МОНАСИТЕ ВО МПЦ, ЛУЃЕ ОД СЕНКА, ЖИВЕАТ ЗА НЕШТО ОД НИШТО... Без плата, без социјално осигурување...

Vecer | 12.08.2025

МОНАСИТЕ ВО МПЦ, ЛУЃЕ ОД СЕНКА, ЖИВЕАТ ЗА НЕШТО ОД НИШТО... Без плата, без социјално осигурување...

Во манастирите ширум земјава, далеку од очите на јавноста, живеат православни монаси за кои никој ништо не знае како и од што живеат.

Додека јавноста неретко ги романтизира како луѓе кои доброволно се откажале од сè световно, реалноста е далеку посурова: тие се социјално невидливи, финансиски незаштитени и често препуштени сами на себе.

„Живееме како сенки“, ни рече еден од нив, со глас мирен, но со поглед полн со наталожена грижа, пишува порталот Плусинфо.

– Треба да се издржуваме од манастирите, ама тоа е релативно. Каде има приходи е добро, а каде нема – мора да се снаоѓаме. Мора да има некаква економија за да се преживее. Државата има графа само за свештеници, не посебно за монаси… – ни раскажа монах кој инсистираше на анонимност.

Невидливи за системот

Според сведочењата на неколку монаси во различни епархии, државниот систем не препознава посебен статус за монасите.

Иако тие се дел од монашките редови во рамки на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, во правна и во социјална смисла многумина се заведени како „невработени лица“, без пензиско, а со основно здравствено осигурување, добиено благодарение на законска измена донесена пред повеќе од една деценија.

– Некои си плаќаат сами придонеси и тие се заведени како свештеници или како земјоделци. Некои немаат ништо – раскажува нашиот соговорник.

Живот од донации

Монасите живеат скромно, често во рурални предели каде што не постојат ниту најосновни здравствени услуги. Секој посериозен здравствен проблем станува борба – не само за живот, туку и за пари.

Ако треба да се лекуваме приватно или ако е потребна некоја поскапа интервенција или терапија, а манастирот нема доволно пари, мора да се бараат донации од епархијата или од народот. Понекогаш и тоа не стасува… – објаснува тој.

Иако манастирите понекогаш имаат сопствени извори на приходи – преку продажба на мед, икони, книги или одржување работилници – тие средства не се секогаш доволни, ниту распределени на начин што гарантира основна сигурност за сите монаси.

Молк од институциите

За разлика од свештениците кои во повеќето случаи се заведени како трговци-поединци и имаат регулиран пензиски и здравствен статус, монасите остануваат во сивата зона на системот. Нивниот статус не е прецизно уреден ниту со црковните, ниту со државните механизми.

Правни експерти предупредуваат дека недефинираноста на статусот на монасите отвора ризик од социјална исклученост. Државата, велат тие, треба итно да воспостави јасни и фер правила, соодветни на животот и на мисијата на овие луѓе.

Монасите не протестираат. Не излегуваат на улица. Нивниот животен повик ги учи на тишина и на смирение. Но, токму затоа што тие нема да излезат на штрајк, не значи дека нивниот статус треба да биде игнориран.

МПЦ-ОА, како институција, има историска и морална обврска да иницира решенија пред државата – било преку посебна законска регулација, било преку фондови за поддршка на монашките заедници.

Во спротивно, ризикуваме една од најпосветените форми на духовен живот да се претвори во живот на маргина.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk