logo
logo
logo

Со само два потписи за кандидатура на изборите СЕ ОЧЕКУВА КАНДИДИРАЊЕ ОД ЧАЛАМ И ХАОС

Vecer | 18.08.2025

Со само два потписи за кандидатура на изборите СЕ ОЧЕКУВА КАНДИДИРАЊЕ ОД ЧАЛАМ И ХАОС

Само два потписа ќе бидат доволни за независните кандидати да влезат во изборната трка за октомвриските локални избори – решение што на хартија изгледа демократско, но во пракса отвора сериозни проблеми.

Правните експерти предупредуваат на три големи ризици: поплава oд кандидати без сериозна намера, злоупотреба со слични или позајмени имиња на кандидати кои ќе ги збунат гласачите, како и километарски долги гласачки ливчиња.

Одлуката ја донесе Државната изборна комисија (ДИК) на синоќешната седница со шест гласа „за“ и еден „против“. Таа е привремено решение, поради тоа што во мај Уставниот суд укина одредби од Изборниот законик со кои се регулираше бројот на потребни потписи.

Што може да се очекува

Досегашниот модел бараше најмалку 1% потписи од избирачите во конкретната општина или во Град Скопје. Тогаш граѓанските иницијативи се жалеа дека условот е претежок. Но сега, по укинувањето на членот, дојде спротивната крајност – двајца луѓе се доволни за кандидатура.

– Ова е премин од една екстрема во друга. Од премногу висок праг, до речиси никаква бариера – велат упатените.

Првата последица е повеќе од очигледна: секој што сака ќе може да се најде на гласачкото ливче. Ако порано беше тешко да се обезбедат стотици потписи, сега доволни се двајца пријатели или соседи. Тоа носи ризик од преплавување на изборите со имиња кои немаат ниту програма ниту сериозна намера да работат во интерес на граѓаните.

Вториот проблем е уште позагрижувачки. Историјата на избори во земјава веќе покажа дека постои пракса на поднесување кандидатури со слични имиња на познати политичари – таканаречени „лажни двојници“. Со новиот праг од два потписа, ваквите злоупотреби може да станат секојдневие.

Третиот проблем е чисто технички. Ако се пријават стотици кандидати, гласачките ливчиња ќе бидат километарски долги. Наместо да избираат со леснотија, гласачите ќе се соочат со хаос, забуни и грешки при заокружувањето.

Ова е проект на ДУИ да внесе хаос

Пратеникот Антонио Милошоски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ смета дека вистинската цел на оваа промена е да се создаваат изборни компликации во исјава за Плусинфо.

Ова е масло на ДУИ. Целта е се внесе несигурност и да се предизвика политичка криза. Партијата на Али Ахмети очигледно решила да создава изборни компликации. Не би ме чудело доколку биде ангажирана и специјална партиска логистика која ќе има задача да предизвика хиперинфлација на кандидати за советници и за градоначалници – истакна Милошоски.

На тој начин, додава тој, планираат да ја отежнат работата на Државната изборна комисија (ДИК), како и да се искомплицира работата на медиумите затоа што секој кандидат ќе треба да добие подеднакво медиумско внимание како и останатите.

– Плус, ќе се изврши и удар врз буџетот затоа што секој освоен глас на независен кандидат на изборите се плаќа 45 денари. Во секој случај, нѐ очекува бурен и тензичен период – предвидува Милошоски.

Актерката Софија Куновска, поранешна претседателка на Градската организација на СДСМ, во разговор за Плусинфо вели дека таа лично е силен поборник на автентичниот граѓански активизам како алтернатива на рововскиот инает на големите партии кои сѐ уште соодветно не ја вреднуваат пораката на гласачите дека нивните погубни политики се прочитани и затоа сѐ помалку луѓе им веруваат.

Сепак, морам да истакнам дека предолгото тактизирање со затворањето на уставно-правната празнина ми мириса на тактика кроена во штабовите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, кои сега ќе стимулираат „независни“ кандидати по нивен терк, со калкулација да му наштетат на политичкиот противник. Стравувам дека оваа состојба се креира со цел да се девалвира опцијата на граѓански кандидати за градоначалници и советници. Претстои тешка борба за разобличување на триковите на „големите“ партии кои се многу инвентивни кога се работи за нивните интереси. Мислам дека демократската битка започнува, но не завршува со локалните избори – вели Куновска.

На локалните избори во 2021 година за независни гласаа 56.000 граѓани, со што внесоа свои независни претставници во 33 општини и во Градот Скопје.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk