Да се избегнуваат лесно расипливи сосови, мајонези, кечапи, храна со оштетена амбалажа. Агенцијата за храна и ветеринарство со итни препораки поради високите температури кои достигнуваат безмалку 40 степени.
Како што појаснуваат од АХВ за да се спречи труење со храна, неопходно е да се направи правилен избор при набавката, да се обезбедат соодветен транспорт и услови за чување, како и да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и за складирањето. Се препорачува да се купува храна од проверени местам во кои производите, особено лесно расипливите од животинско потекло, се чуваат во разладни уреди.

Од АХВ апелираат граѓаните да внимаваат каде ги оставаат лесно расипливите производи при пазарувањето, советувајќи дека месото, млекото и јајцата не смее долго да се задржуваат во возилата. Исто така, препорачливо е разладената храна да се чува под 5 степени, додека термичката обработка треба да се изведува на температури над 60 степени.
Во однос на правилата за конзумација надвор од домот и претпазливоста во угостителските објекти, од АХВ упатуваат конкретен апел:
„ Во објектите за брза храна избегнувајте ги додатоците што не стојат во ладилник, како што се мајонез, кечап, крем-салати, сосови, преливи… Доколку сметате дека храната не е безбедна, не ризикувајте, ФРЛЕТЕ ЈА“ децидни од АХВ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата