ВМРО-ДПМНЕ на изборите во Брвеница настапи со визија, програма и со проекти за развој на општина и за подобар живот на граѓаните.
„Една Брвеница за сите е повеќе од концепт во кој ние ја потенциравме силата на единството, соживотот и меѓусебната почит, инфраструктурните инвестиции, подобрите услови за живот, додека противниците искористувајќи ја демографската состојба повикуваа на етничко гласање. Нашите опоненти се обединија и сите заеднички наместо натпревар на идеи, изборната трка ја претворија во ринг на поделби по разни основи. ДУИ, СДСМ, Левица, за жал, и ВЛЕН како тројански коњ од една страна, а ВМРО-ДПМНЕ од другата страна“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Ние сами против сите, додаде партијата.
„И благодарение на довербата која ни ја дадоа имаме значителен раст на бројот на гласовите кои, за жал, не беа доволни за Јованчо Радичевски да биде избран за градоначалник. Од 3.000 гласа во првиот круг стигнавме до 4.200 гласа за ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг, додека споредено со парламентарните избори растот на гласови е 1.300. СДСМ и политичката партија Левица во првиот круг од овие предвремени локални избори целосно ги декласиравме, завршија на четврто и на петто место, а како последна сламка за да му наштетат на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг се ставија во служба на ДУИ за одвлекување гласови“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Тоа што предизвикува особена жал е што нашиот коалициски партнер, ВЛЕН ја пропушти можноста во Брвеница да биде поразличен од ДУИ и да се издигне над етничкиот национализам, со што се покажа дека исто како и кандидатите на СДСМ и Левица беа тројански коњ во корист на ДУИ, потенцира ВМРО-ДПМНЕ.
„Но, после овие избори, уште од утре граѓаните и Македонци и Албанци ќе очекуваат проекти и развој, а не национализам, ќе очекуваат резултати, а не демагогија кој од која партија е или на која етничка заедница градоначалникот припаѓа. Затоа, Брвеница нема да биде заборавена, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да инвестира, да вложува и да гради за развој на општината и за подобри услови за живот на граѓаните“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата