Оваа Влада има јасна слика за реалната состојба во која живеат граѓаните. Свесни сме за тешкиот живот, знаеме дека предизвиците се реални и дека стандардот не може да се подобри преку ноќ. Знаеме и дека ако сите навистина веруваме во тоа дека интересот на граѓаните е поважен од личните или политичките разлики, сигурен сум дека можеме и ќе донесеме добри решенија, истакна премиерот Христијан Мицкоски на денешниот економско-социјален совет во Владата.
-Точно е дека постојат разлики по одредени прашања помеѓу Владата и дел од синдикатите, како и со дел од другите чинители во рамки на овој совет, но тоа не е прчина да нема дијалог. Напротив, тоа е дополнителна причина тој дијалог да биде поискрен и поотворен. Ако на сите нас овде ни е подеднакво важен интересот на граѓаните тогаш знам дека решенијата ќе бидат добри, рече тој.

Мицкоски истакна дека изминатава година работеле посветено, тивко, без многу бука, но со јасна цел да се поместат работите од мртва точка.
-Тоа се гледа по статистичките параметри. Во мај нето и бруто платите пораснаа за во просек 11 %. Во образованието, здравството, администрацијата и полицијата веќе има повисоки плати. БДП на реална основа во првиот квартал порасна за 3,2% со што остваривме четврти најголем раст на БДП. Ако некој пред една година речеше дека Македонија ќе има ваков параметар, тогаш сите ќе му се смееја. Денес тоа е факт, резултатите зборуваат сами за себе. Индустриското производство во мај порасна за 9,4% во споредба со истиот месец минатата година, што ќе каже дека во вториот квартал за прв пат после не знам колку години, очекуваме да имаме раст на индустриското производство. Тоа не е случајност, тоа е резултат на системски чекори и на економски политики кои се базираат на фискална дисциплина и поддршка на реалниот сектор. Ако сакаме да имаме економија што произведува, тогаш мора да имаме држава што поддржува во рамките на своите можности, истакна Мицкоски.
- Тоа е резултат на системски чекори и на економски политики што се базираат на фискална дисциплина и поддршка на реалниот сектор. Ако сакаме економија што произведува тогаш мора да имаме држава што поддржува во рамките на своите можности.

Во насока на директна поддршка на стопанството оваа година се обезбедени 250 милиони евра за компаниите кои влегуваат во нов инвестициски циклус. Дополнително уште 250 милиони евра се насочени кон општините за реализација на капитални проекти кои го подобруваат квалитетот на живот на нашите граѓаните. Ова не се ветувања ова се пари коишто се инвестираат на терен. Затоа велам секој потрошен денар од граѓаните мора да се врати назад преку улица, училиште, амбуланта или повисока плата.
Првпат по седум години имаме намалување на јавниот долг. Заклучно со март 2025 година јавниот долг е намален за 4,7 процентни поени во однос на БДП односно во апсолутна вредност од 36 милиони евра. Очекуваме буџетскиот дефицит да биде околу 4 проценти, а зашто да не и под 4 проценти од БДП за оваа година. Тоа значи дека граѓаните конечно добиваат Влада што не троши нерационално и што нема намера да создава долг што ќе го оставиме на идните генерации.
Целосно е отплатена Еврообврзницата издадена во 2018 година во износ од 500 милиони евра. Мислам дека тоа се случи крајот на јануари месец оваа година и не се издаде нова еврообврзница за да се врати оваа. Тоа не е само финансиска ставка тоа е доказ за одговорно владеење. Кога државата ги подмирува своите долгови таа покажува дека знае што е обврска. А кога државата ја почитува својата обврска има право да бара почит и од другите, тоа е двонасочна улица.
Дополнително веќе е усвоена Фискалната стратегија 2026-2030 година која е насочена кон подобрување на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност преку постепена фискална консолидација. Тоа е стратегија што ја зацврстува основата за стабилен раст во наредните пет години. Бидејќи фискалната дисциплина не значи штедење на грбот на граѓаните туку паметно трошење за нивна корист.
Премиерот очекува денес да се усвои програмата за работа на Економско-социјален совет за 2025-та година и тоа ќе потврди дека Советот не е формалност туку жив механизам за вистински социјален дијалог и носење одлуки кои се во интерес на граѓаните.
-Оваа Влада покажува дека може да се води државата со стабилни финансии, растечки плати, поддршка на економијата и дијалог со сите општествени чинители, рече Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата