Туризмот расте со силно темпо како резултат на 11-те нови авиодестинации што ги воведовме. Имаме за 20 % раст на туристи во споредба од минатата година. Скопје веќе е ставен на светската мапа, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за ТВ Сонце.
-Откако сме избрани имаме 11 нови дестинации од скопскиот и охридскиот аеродром. Само во мај месец имаме за 101 илјада повеќе туристи отколку во мај месец лани. Туризмот расте со најголемо темпо во државата, 20 % раст има во споредба со минатата година и град број 1 за туризам е Скопје, а Охрид е број 2, што за мене е логично затоа што начинот на туризам се менува, се повеќе луѓе патуваат да ги видат големите центри, Скопје е веќе на мапата. Добивме и позитивно мислење од УНЕСКО за реконструкција за аеродромот во Охрид и дадов насоки да заврши туристичката сезона и некаде од месец октомври да започнеме да го реконструираме аеродромот, изјави вицепремиерот Николоски.
Очекувам убедлива победа на локалните избори, луѓето ги гледаат нашите проекти во секој град
Најголем дел од парите од Договорот со Британија ќе бидат наменети за пругата, железницата и за коридорите. Брзата пруга од Табановце до Гевгелија откако ќе почне да се гради треба да биде готова за пет години, вели вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
– Првите ефекти од пругата ќе се видат побрзо, на пример делот од пругата Велес – Скопје ќе се изгради побрзо, но во целата должина пругата ќе биде готова за пет години, вели Николоски во гостување на ТВ Сонце.
Очекувам убедлива победа на локалните избори
Прашан за очекувањата од локалните избори тој рече дека очекува убедлива победа, „ултра мега“, која се темели на анкетите, но и од расположението од средбите со граѓаните и нивната перцепција за работата на Владата.
– Утре заминуваме во Гевгелија, се пушта т.н. западен булевар. Тоа е обиколница на Гевгелија, ветувана од време на комунизмот. Правиме реконструкција на се што е улица во Гевгелија и првпат се гради мост кога излегуваш на автопатот и кога влегуваш во Гевгелија. Луѓето го гледаат ова и нормално дека нам поддршката во Гевгелија ни е огромна. И за секој град има вакви проекти, вели Николоски.
Тој го посочи како пример и Кавадарци каде, вели, инвестира и градоначалникот Митко Јанчев и Министерството за транспорт.
– Во моментов се градат водоводни и канализациски системи во вредност од 3 милиони евра, улици се градат во вредност од 7 милиони евра, проектирана е обиколница на Кавадарци која што ќе ја гради ЈПДП, со проценета вредност од околу 30 милиони евра. Проектираме пат до Грција, да се отвори трет граничен премин кој што би одел под Кавадарци, а од другата страна да излегува кај Лутраки, правиме спојка Кавадарци – Неготино обиколница и директен излез на автопат, посочи Николоски.
Крајот на септември ќе избереме изведувач за автопатот Скопје-Блаце, за две ипол години ќе го изградиме
Изминативе 9 месеци засилено работиме со Европската Банка за Обнова и Развој на постапките за доизградба на автопатот Скопје-Блаце. Имаме фиксен рок до 30 септември да избереме Изведувач за изградба и откако ќе почне изградбата за две и пол години да го изградиме автопатот, истакна вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
-На Блаце работиме со ЕБОР. За македонски услови тие работат бавно, за нормални развиени држави работат нормално бидејќи таму не можат да се случат изненадувања како тука, бидејќи таму подготвителниот период е долг, ама кога ќе се влезе нема назад. Со нив работевме 9 месеци подготвителен период и во моментов понудувачите треба да дадат финансиски понуди. Кај нив тендерите се поделени, прво прават квалификација дали понудувачите ги исполнуваат потребните услови и само тие кои ги исполнуваат техничките услови можат да дадат финансиска понуда затоа што во нашиот случај за јавни набавки се случува ултра неквалитетна фирма да даде ниска цена, вие ја одбивате бидејќи е неквалитетна и Ви се случува да излезат во јавност и да велат не одбивте, а понудивме најниска цена. Со ЕБОР нема вакви работи, прво велат дали технички ги исполнувате условите, се прави селекција и тие фирми што ги исполнуваат условите се поканети да дадат финансиска понуда. На 30 септември треба да имаме избран Изведувач, а кога работите со ЕБОР имаме фиксни рокови, за 2,5 години е рокот на завршување на автопатот, истакна вицепремиерот Николоски
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата