logo
logo
logo

ГРЕТА ТУНБЕРГ ВО ТЕТОВО

Vecer | 25.07.2025

ГРЕТА ТУНБЕРГ ВО ТЕТОВО

Шведската еко-активистка Грета Тунберг во четвртокот престојуваше во Тетово, каде што го посети Општествено-културниот центар Тетово.

Според објавата на организацијата, Тунберг имала можност да се запознае со нејзините локални активности и со заедничкиот волонтерски ангажман кој се реализира со поддршка од меѓународни партнери од Белгија, Косово, Црна Гора и од Босна и Херцеговина.

Во рамки на посетата, Тунберг заедно со претставници на организацијата ја разгледала и новата локација на центарот, а деновиве повеќе од стотина волонтери работеле интензивно на нејзино подготвување. Центарот најави отворање на новиот простор за сабота, со почеток од 18 часот.

Официјални информации за можни наредни активности на Тунберг во Македонија засега нема, па остануваат непотврдени шпекулациите дека таа би можела да присуствува и на настани во Скопје во текот на викендот.

Посетата на Тунберг доаѓа по неколку бурни денови на Балканот, каде што таа продолжува со својата активистичка агенда за поддршка на палестинскиот народ.

Пред да пристигне во Македонија, Тунберг учествуваше на протест во главниот град на Албанија, Тирана, каде што на плоштадот Скендербег се обрати пред многу граѓани. Таа тогаш повика на итен прекин на израелската опсада врз Газа и остро ја осуди.

Само неколку дена претходно, Тунберг беше дел од хуманитарна мисија преку бродот „Мадлин“, кој се обиде да достави помош до цивилите во Газа. Израелските сили го пресретнаа бродот во меѓународни води, по што таа беше депортирана и испратена назад во Европа.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk