Во текот на ноќта од косовска страна навлегол тежок пожар во Македонија, кој се движи во атарот на селото Грачани. Пожарот има голема огнена линија која е долга повеќе од 5 километри, информира денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Скопските пожарникарите се упатени на гаснење, а им помагаат тимови од Дирекцијата за заштита и спасување. Тие се обидуваат да го стават пожарот под делумна контрола за да не се загрозат околните села.
Ангелов засега исклучува таква опасност, но вели дека мирисот од пожарот може да се почувствува во делови од Скопје.
– Повторно има појава на огнени точки на планината Китка во атарот на селата Количани и Цветово каде има нови подметнати пожари. Очекувам набргу да бидат ставени под контрола. На една од локациите теренот е особено непристапен, поради што интервенцијата може да трае подолго – рече Ангелов.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата