СДСМ, Зоран Заев и Оливер Спасовски преку Катица Јанева, контролирале кои предмети ќе ги обработува Специјалното јавно обвинителство, кој обвинител ќе ги води и кои лица ќе бидат опфатени, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Обвинители како Ленче Ристоска, Гаврил Бубевски, Фатиме Фетаи и Лиле Стефановска ги обработувале овие предмети, додека Јанева имала улога на координатор, бидејќи немала експертиза во материјата. СЈО работело под директна насока на Зоран Заев и СДСМ. Советник на министерот за внатрешни работи, Спасовски, за време на техничката влада пред околу 10 години, во канцелариите на СЈО ѝ рекол на обвинителката Лејла Кадриу дека треба да се прошири опфатот на лица во одреден предмет. По нејзиното одбивање, тој заминал да се жали на друго место, а Кадриу подоцна била отстранета од работа“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Заев и Спасовски, се додава во соопштението, преку Катица Јанева ја управувале работата во СЈО.
„Спасовски преку неговиот советник давал насоки за избор на предмети и кој обвинител кој предмет ќе го работи, кои лица треба да се опфатат и кој да одговара. Катица Јанева била само координатор додека предметите ги работеле Ленче Ристоска, Гаврил Бубевски, Фатиме Фетаи и Лиле Стефановска. Кривичните пријави биле доставувани на лист и незаконски пренесувани од ЈО во СЈО по политичка желба на СДСМ. Поранешната обвинителка Лејла Кадриу како што сведочи била отргната од СЈО бидејќи не сакала да учествува во криминалот на Јанева поради што и била избркана од работа“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Прислушуваните разговори, „бомбите“, се додава, првично не можеле да бидат доказ, но со само една одлука на апелационен судија биле прифатени во судските постапки.
„Постоеле координирани врски меѓу СЈО, обвинителството и судството, за да се прифаќаат предмети по насока на СДСМ, Зоран Заев и Оливер Спасовски. Судии кои не соработувале биле изложени на притисоци и закани. Секој што не бил „ тимски играч“ со Јанева и СЈО бил под притисок, а еден поранешен судија и претседател на суд бил осуден. СЈО на Катица Јанева и Зоран Заев се најголемиот срам за правосудниот и обвинителски систем во државата кој дополнително ја поткопа недовербата во институциите“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Јавното обвинителство да го испита целиот случај и одговорноста кај инволвираните, додава партијата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата