logo
logo
logo

БАРА ПОМОШ ОД ФАКТЧЕКЕРИТЕ

ОСМАНИ ГО СПАСИЛ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК ВО ПРЕГОВАРАЧКАТА РАМКА, благодарение на која сега Бугарија ни става вето за што сака

Vecer | 07.07.2025

ОСМАНИ ГО СПАСИЛ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК ВО ПРЕГОВАРАЧКАТА РАМКА, благодарение на која сега Бугарија ни става вето за што сака

Потпретседателот на ДУИ Бујар Османи реагира на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски во врска со случувањата во Европскиот парламент (ЕП), каде што според најавите од извештајот за С Македонија ќе бидат тргнати референциите за македонскиот јазик и идентитет.

Мицкоски за тоа ги обвини Османи, Ковачевски и Маричиќ нарекувајќи го процесот „бришење на идентитетот на талибански начин“.

Османи, во одговорот вели дека актуелната влада свесно манипулира со фактите и заборава на вистинските пробиви направени изминативе години.

„Јас ја слушнав прес-конференцијата и мене ми е жал што нема еден медиум за проверка на факти за да му се спротивстави на премиерот дека секоја втора реченица му е неточна. Неточна врз основа на факти. Ние го направивме историскиот пробив – да се тргне додавката ‘согласно Уставот’, туку во Преговарачката рамка, најважниот документ, уставот на односите со ЕУ, и тоа со поддршка и на Република Бугарија, да стои ‘македонски јазик’. Мора да се каже дека пробивот после 30 години за квалификацијата на јазикот е направен во тој период, во Преговарачката рамка“, изјави Османи.

Според него, токму владата во која тој беше шеф на дипломатијата успеала да го тргне компромисниот израз „согласно Уставот“ и да го легитимира македонскиот јазик со поддршка од Бугарија и oд европските институции.

На забелешката дека Бугарија, сепак, вложи унилатерална изјава со свои видувања за македонскиот јазик, Османи вели дека тоа нема никаква правна тежина бидејќи суштината е во Преговарачката рамка.

„Правната импликација во меѓународното право е тоа што Република Бугарија ја изгласа Преговарачката рамка. Република Бугарија дозволи договорот за ФРОНТЕКС да се потпише со новата формулација, а не со формулацијата од договорот од 2017 г. и од декларацијата од 1999 година. Така што, ако хронолошки го гледате прашањето, единствениот позитивен пробив за прашањето за јазикот е направен тогаш со Преговарачката рамка“, вели Османи.

Тој додава дека подоцнежните обиди да се наметне темата за јазикот во јавниот дискурс се политички инструментализирани за дневнополитички потреби и дека се штетни за националните интереси.

„Оставете го јазикот, затворено е тоа прашање. Најголемиот преговарачки капитал ни го потроши прашањето отворено за јазикот“, вели Бујар Османи во интервјуто.

Во таа насока, тој смета дека изместениот дискурс во ЕП и евентуалното бришење на референциите за јазикот од извештајот не претставува суштински проблем бидејќи тоа тело нема правно обврзувачка улога, за разлика од Советот на ЕУ.

Како одговор на информациите дека самата Европска комисија го поттикнала вметнувањето на јазичните референци, Османи вели дека иницијативата потекнува од време на неговиот мандат, но со цел да се затвори ова прашање и пред домашната јавност.

Предвремени парламентарни избори на пролет

Бујар Османи, остро ја критикува одлуката во октомври да нема предвремени парламентарни избори, туку само локални и ја оценува како политиканство што ја парализира државата.

Според него, македонската политичка сцена веќе 20 години е заробена во перманентни изборни процеси, кои многу малку им оставаат простор на властите да спроведуваат суштински реформи.

„Тоа не е државничко однесување, тоа е политикантство на сметка на партиските интереси, не на државните интереси. Замислете каков златен период би имале ако првпат во последните 20 години имаме четири години без ниедни избори“, вели Османи додавајќи дека ДУИ до последниот можен рок ќе се бори со аргументи за да докаже дека најдобро е со локалните избори да има и предвремени парламентарни.

Ако партијата на која ѝ припаѓа оствари убедлива победа на локалните избори, Османи вели дека секако ќе бараат предвремени парламентарни напролет следната година.

„Да, се разбира. Видете, сега земјата е блокирана. И, ако ние влеземе пак во изборни процеси на секои шест месеци, повторно нема да излеземе од вителот во кој сме влезени. Така што, треба да има парламентарни избори“, рече Османи во интервјуто.

Критикувајќи ја актуелната влада, која вели дека се однесува како слон во продавница за порцелан, Османи оценува дека таа им нанесува штета на европската интеграција и меѓуетничките односи.

Во интервјуто тој вели ДУИ ќе се држи до трите клучни принципи како услов за учество во секоја идна владина коалиција: гарантирана европска перспектива, обновување на почетната рамка на Охридскиот договор и ветинг‑процес во јавниот сектор.

Османи смета дека токму активностите на ДУИ придонеле земјата да стане членка на НАТО и дека со ист успех може да ги одблокираат пристапните преговори за Европската Унија.

„Еве, со НАТО покажавме дека имаме сила. Направивме чекори коишто едноставно процесот го доведоа до таму земјата да биде членка на НАТО. Се разбира дека ако очекувате еден магичен момент којшто доведе до тоа – нема, но ако направите збир на чекори коишто ДУИ ги правеше за да ја држи темата постојано активна, за да ги држи комуникациите, да го зголеми притисокот – така ќе биде и со ЕУ“, додава Османи.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk