Нивото на водата во Дојранското Езеро бележи пораст од околу 50 сантиметри по последните врнежи, покажуваат податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Сепак, сè уште недостигаат околу 70 сантиметри до минималната договорена кота од 146,13 метри надморска височина. Истата информација за порастот на водостојот е објавена и на порталот АгроТим.
Од крајот на октомври до првата половина на февруари, според мерењата на УХМР, е регистриран постепен пораст на водостојот на Дојранското Езеро. На последното мерење, нивото на водата изнесувало 145,42 метри надморска височина, што е за околу 50 сантиметри повеќе во споредба со претходните месеци, но сè уште за 71 сантиметар помалку од минималната договорена кота од 146,13 метри.
Раководителот на Секторот за хидрологија во УХМР, Васко Стојов, нагласува дека порастот на водостојот е резултат на врнежите, но дека за целосно достигнување на минималната кота се потребни уште значителни количества вода.
Најповолни услови за дополнително полнење на езерото би биле влевањето на водите од топењето на снегот на планината Беласица. Засега снежна покривка со значајна дебелина нема, што може да го забави процесот на полнење.
Како тектонско езеро, Дојранското Езеро со текот на времето го намалува својот волуменски капацитет, што дополнително влијае на динамиката на водостојот. Покрај врнежите, на нивото на езерото влијаат и атмосферските температури и ветровите, кои предизвикуваат испарување на водата.
За споредба, податоците на УХМР од 2017 година покажуваат дека во февруари Дојранското Езеро имало водостој на кота 147,10 метри, што е за околу 1,70 метри повеќе од сегашното ниво.
УХМР продолжува со следење на водостојот на Дојранското Езеро, а дополнителен пораст на нивото се очекува во наредните месеци, особено со топењето на снегот, доколку условите тоа го овозможат.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата