logo
logo
logo

На државен трошок ќе се прават 6 ИН ВИТРО ОПЛОДУВАЊА, барањата ќе се одобруваат за 2 недели

Vecer | 12.07.2025

На државен трошок ќе се прават 6 ИН ВИТРО ОПЛОДУВАЊА, барањата ќе се одобруваат за 2 недели

На државен трошок отсега ќе може да се прават шест ин витро оплодувања, наместо три како што беше досега, и тие се бесплатни за граѓаните, кажа денеска директорот за Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) Сашо Клековски. Станува збор за повеќе измени на Закон за здравствена заштита на населението кои на 10 јули  беа донесени во Собранието, на иницијатива на група пратеници во соработка со Министерството за здравство и Фондот.

„Првата измена е дека Биопотмогнатото оплодување (БПО), или популарно наречено ин витро, станува составен дел од основниот пакет за здравствена заштита. Се зголемува бројот на обиди на шест од постоечките три. Третата измена е дека се ослободуваат од партиципација за ин витро третмани, повторувам, овие третмани се бесплатни. Направени се и неколку измени во Фондот, го скраТивме периодот на чекање за одобрување на документи од три месеци на две недели. Тоа е важно скратување, имаме два пати неделно комисија која ќе прави одобрувања на барањата за БПО. Втората работа е намалување на администрацијата и воведување на дигитализацијата, комуникацијата со барателите е дигитализирана и ваучерот отсега ќе го добиваат дигитално. Досега го добиваа преку пошта и се случуваше да се изгуби“, кажа Клековски.

Лани имало 1.495 барања за ин витро, а во осумте центри во земјава каде е тоа достапно реализирани се 1.108 интервенции, во најголем дел за прво дете.

Директорот Клековски најави и дека на скопската Клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) ќе се формира банка за репродуктивен материјал.

Клековски кажа дека со измените, отсега Фондот нема да има двајца директори, како што беше одлучено во 2007, туку еден директор и еден заменик-директор, за јасно да биде концентрирана одговорноста. Така, заменикот-директор Бранко Аџигогов најави дека за лекувањата во странство веќе нема Второстепената комисија да биде контролор на одлуките на Првостепената комисија во однос на барањата.  Постапките ќе ги следи Првостепената комисија, а Второстепената само жалбите.

„Веднаш по одлуката на првостепената комисија ќе може да се оди на лекување во странство. Жалбените постапки нема да се решаат во Министерството за здравство, туку во Државната комисија, бидејќи Министерството го нема капацитетот да одговора толку брзо. Одговорите на жалбите доцнеа со месеци. Оваа одлука стапува веднаш на сила и сите постапки ќе бидат пренесени од Министерството во Комисијата“, кажа Клековски.

Директорот на Фондот кажа и дека согласно барањата на ЕУ, почнат е процест на изедначување на правата на странските државјани со регулиран престој во земјава и тие да имаат државно здравствено осигурување. Следен чекор е измена на Законот за задолжително осигурување.

Главна новина: Подобро биомедицинско поддржано оплодување (БПО)Измените се:

– Вклучување на БПО во основниот пакет на здравстени услуги;

– Зголемување на 6 наместо 3 обиди за БПО на товар на Фондот;

– Усогласување на ослободувањето од партиципација;

Дополнително Фондот го:

Скрати времето на одлучување од 3 месеци на 2 недели;

– Дигитализираше процесот, во ова фаза кон барателите, вклучувајќи ваучерот за БПО;

– Поедностави дел од административниот процес;

Сè поголем број брачни парови и поединци се соочуваат со проблеми при зачнување, а успешноста на третманот често се зголемува со зголемениот број обиди. Правиме чекор за поддршка на еден од најосновните човечки стремежи – создавање семејство!

Неколку информации за БПО за 2024 г.

– 1.495 барања за БПО, од кои 1.280 за прво дете, 195 за второ дете, 15 за трето дете и 5 за четврто дете

– Максимален износ од околу 93.000 мкд за обид и за 1.106 реализирани БПО обиди се употребени 89.547.990 денари

– БПО постапки извршени во 8 здравствени установи.

Следни чекори на Фондот:

– Финансиска поддршка на криопрезервација, односно замрзнување на јајце-клетки за идна употреба– Поддршка за Клиниката за гинекологија во создавањето на национална банка за репродуктивен материјал (јајце-клетки и сперма) за зголемување на пристапноста до репродуктивни третмани.

Инфо за барање на следниов линк.

Втора новина: Олеснување на лекување во странство

Се применуваат препораките од Државниот завод за ревизија за олеснување на лекувањето во странство:

– Второстепената комисија ќе одлучува само по жалби, не повеќе и по мислења на првостепената комисија, со што се скратува процесот и обезбедува двостепеност;

– Рокот за одлучување се скратува од 45 на 30 дена;

– Се брише склучување на договори со странски болници поради неприменливост.

Во 2024 г. се одобрени 273 лекувања во странство за вкупно 488 милиони денари или околу1.8 милиони денари по лекување. Во првото полугодие од 173 барања се одобрени 154 барања за 239 милиони денари.Трета новина: Враќање на еден директор како раководен органКонцептот на раководен орган на Фондот од два директори кои се подеднакво одговорни за работењето на Фондот се напушта и се враќа концептот на директор и на заменик на директорот кои постоеше до 2007 година.

Други новини

– Изедначување на правата за странци со регулиран престој. Започна процесот со кој странските државјани со уреден престој во државата ќе имаат еднакви права од задолжителното здравствено осигурување како и нашите државјани. Потребно е да се измени уште еден закон, за задолжително социјално осигурување.

– Жалбената постапка преминува во надлежност на Државната комисија, а не на Министерството за здравствоПредавање на жалбената постапка во втор степен за одлучување по жалби од првостепените решенија на Фондот од Минстерството за здравство на Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен и тоа без преоден рок.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk