logo
logo
logo

ЕВЕ КОЛКУ ВИ НАПЛАЌААТ БАНКИТЕ ако примате пари од странство

Vecer | 12.03.2026

ЕВЕ КОЛКУ ВИ НАПЛАЌААТ БАНКИТЕ ако примате пари од странство

За пари испратени од странство на адреса во Македонија, примателот може да плати банкарска провизија која достигнува десетици илјади денари.

Секако, тоа зависи и од сумата што му е наменета, исто како и од банката преку која се одвива трансакцијата, но и од каналот – коресподентско банкарство или СЕПА. Кај некои банки тарифата е фиксна, додека повеќето пресметуваат процент од износот со утврден минимум и максимум покажува анализата на порталот Пари.

Кај приливите преку коресподентско банкарство, Алта банка применува скалеста тарифа – од 50 денари за износи до 30 евра, па сѐ до 9.000 денари за износи над 100.001 евро. СЕПА услугата е многу поевтина. Од 50 денари (за износ до 20 евра) до 360 денари (над 10.001 евро).

СЕПА плаќањата не се можни во Капитал банка, која наплатува 0,1 процент од износот, со минимум 300 денари, плус трошоци кон други банки.

Комерцијална банка има релативно низок распон – од минимум 30 до максимум 1.200 денари за коресподентски прилив, а преку СЕПА од 10 до 300 денари.

За износи до 50 евра НЛБ банка наплатува 10 денари, а над 50 евра – 0,1 процент или минимални 50, а максимални 3.000 денари. Приливите по основ на плата и пензија се без надомест. Во рамките на СЕПА, тарифата е скалеста – од 10 до 310 денари, зависно од износот.

ПроКредит банка овозможува прилив без надомест преку пакетот ProPay, додека преку други коресподентни банки наплатува 6 евра во денарска противвредност. Толку се плаќа и за СЕПА.

Стопанска банка Скопје наплатува 1 процент. Износите не можат да бидат под 250 денари, ниту над 30.000 денари. Исклучок се платите и хонорарите од странство, кои се без надомест. Кај СЕПА, тарифата е од 0,16 до 5 евра во денарска противвредност.

За дознаки до 6.000 денари ТТК банка наплатува 150 денари, а над тој износ 0,30 проценти, со одреден минимум од 250 денари. За странска пензија надоместоците се 1,5 или 0,5 проценти, што зависи од начинот на прилив. СЕПА трансакцијата чини 200 денари.

За износи до 6 евра Халк банка не наплатува надомест (ова зажи и за СЕПА). До 10.000 евра услугата чини 300 денари, а над тој праг 0,25 проценти или минимум 600 денари, секако во денарска противвредност. Преку СЕПА, за сите износи повисоки од шест евра се плаќаат 200 денари.

Кај Централна кооперативна банка се пресметува надомест од 0,15 проценти, кој не може да е понизок од 400 денари. Трансакцијата преку СЕПА се плаќа 100 денари.

Шпаркасе банка применува 0,25 проценти, при што примателот на средствата може да плати минимални 250, а максимални 31.000 денари. Платите и пензиите, како и налозите до 20 евра не подлежат на надомест. СЕПА приливот чини 60 денари.

Оттука произлегува потребата, уште пред да бидат испратени средствата од странство, потенцијалните приматели да се информираат за начинот на прилив и за висината на провизијата. Правилниот избор на каналот – коресподентско банкарство или СЕПА – може да значи заштеда од илјадници денари.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk