По синоќешниот фудбалски натпревар меѓу Шкендија и Карабах, одржан на арената „Тодор Проески“ во Скопје, Основното јавно обвинителство отвори истражна постапка поради скандирања со националистичка и етничка содржина, вклучувајќи повици за „Голема Албанија“, „Илирида“ и „Чамерија“, кои се слушнаа од трибините пред неколку илјадната публика.
Скандирања за Илирида, Голема Албанија…,повеќепати синоќа одекнуваа на Националната арена „Тодор Проески“ на натпреварот Шкендија – Карабах, а МВР во координација со јавен обвинител работи на расчистување на случајот.
Од СВР Скопје за Курир информираат дека врз основа на снимениот и докумнетиран материјал презема мерки во координација со јавен обвинител.
И покрај сите апели и предупредувања за фер и спортско навивање без националистички испади, навивачите на Шкендија тоа не го испочитуваа на вчерашниот натпревар.
И покрај апелите на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и раководството на клубот Шкендија за спортско и фер навивање, дел од публиката одби да ги почитува повиците, со што, според надлежните институции, е нарушен јавниот ред и мир и се поттикнуваат етнички тензии.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова реагираше по повод сцените на натпреварот Шкендија Карабах. Таа ги оцени како ненаучена лекција.
Во објавата, претседателката посочува дека само со заедничка доследна и бескомпромисна битка со шовинистичките изблици, без оглед чии се, ќе градиме здраво општество.
-Сеопштата осуда на навивачкиот примитивизам на сите ни влеа надеж за цврста решеност за справување со овој неспортски феномен. Просветителски звучеа апелите за ставање крај на националистичките и шовинистички повици од трибините. Но, вчерашните сцени од меѓународниот натпревар Шкендија – Карабах беа реприза на кумановската трагична приказна. Хипокризија и цинизам е селективното реагирање на неспортскиот вандализам. Само со заедничка доследна и бескомпромисна битка со шовинистичките изблици, без оглед чии се, ќе градиме здраво општество, потенцира Сиљановска Давкова во објавата.
Претходно, претседателката реагираше и на скандирањата на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија во Куманово во саботата, посочувајќи дека е неспортски е да се злоупотребува спортскиот терен за „вежбање“ говор на омраза и навредување.
Претседателот на собранието Африм Гаши, за Телма изјави дека не го слушнал скандирањето, иако освен од навивачката група „Балисти“, иредентистичките пароли биле извикувани и од другиот дел од публиката.
Гаши притоа вели дека доколку имало нешто такво, го осудува како што го осуди скандирањето во Куманово. Тој, пак, претходно на Фејсбук ги пофали навивачите за навивањето.
„Им честитам на навивачите кои беа подеднакво достоинствен пример и за нашите национални вредности, внатре и надвор од стадионот“, напиша Гаши на Фејсбук.
Министерството за внатрешни работи претходно соопшти дека ќе ги санкционира евентуалните националистички испади, како што реагираше брзо по испадите на мала група навивачи на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија во Куманово.
Инаку вчерашниот натпревар заврши со пораз за Шкендија од 1:0 од Карабах. Единствениот гол првакот на Азербајџан го постигна од пенал во 18.минута.
Реванш натпреварот се игра на 12.август во Баку.
Навивач на Шкендија, државјанин на Германија, со мотоцикл со тетовска регистрација предизвикувал национална нетрпеливост во Скопје на булеварот „Илинден“ пред межот помеѓу Шкендија и Карабах во рамки на фудбалските квалификации за Лигата на шампионите на Националната арена.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата