Тогаш и денес, јас друга држава немам. Јас резервна татковина немам. Мојот прадедо и дедо, моите татко и мајка, почиваат во Зајас, Кичевско, вели лидерот на ДУИ, Али Ахмети по повод 24 годишнината на Охридскиот рамковен договор.
Наспроти сите напади, сета пропаганда во минатите 24 години со која што бевте соочени, сакам да упатам јасна и недвосмислена изјава дека јас и Албанците, вчера, денес и утре, се залагаме за унитарна, заедничка и еднаква Македонија, ниту повторно моја, ниту повторно твоја, туку секогаш наша Македонија, вели Ахмети преку соопштението испратено до јавноста.
„Наспроти тоа што ова го знаат и Црвенковски и Груевски, и Заев и Мицкоски, а го знаеја и нивните претходници, во нашите млади години, сите ние што се осмелувавме да се залагаме за еднаквост, не гонеа за сепаратизам, национализам, шовинизам, а денес истиот пристап софистицирано се повторува со прогон и оцрнување за наводна корупција и криминал од истата доктрина и истите заробени умови кои ги карактеризираат граѓаните во граѓани од прв, втор, трет ред и сметаат дека државата им припаѓа само ним.
Намерно и лажно се сееше и се сее лажен страв кон граѓаните за непостоечки непријатели кај Албанците од страна на политичките елити за да се владее злоупотребувајќи ги наметнатите стравови а не залагајќи се за заедничка иднина. Со Охридскиот мировен договор си подадовме рака, си дадовме збор и Беса едни на други, дека ќе изградиме заедничка, еднаква и евроатлантска татковина“, вели Ахмети.
Тој тврди дека во овие 24 години не било лесно, дека имало отпор и одбивање, претежно од погрешно наметнато разбирање дека некој добива, друг губи, и тоа од одредени политички елити кои што размислувале за следните избори, а не за следните генерации.

„Јас припаѓам на тие што работат за следните генерации. Премиери и академици ми нудеа да ја поделиме Македонија, не прифатив.
Ме оцрнуваа од тоа дека сум бил соработник на српските служби со фалсификувани досиеја па се до наводно корумпиран, но граѓаните секогаш се определуваа да не поддржат нас.
Низ овие 24 години, јас и моите соработници се залагавме за да го спроведеме Охридскиот договор, да ја интегрираме земјата во НАТО и ЕУ, да изградиме автопатишта, универзитети, болници, градинки, школи, институции, да преземеме одговорност за заедничката држава и да покажеме дека од еднаквоста, најголеми придобивки имаат граѓаните и земјата.
Се покажа и докажа дека кога државата е лојална кон своите граѓани, и граѓаните се лојални кон својата држава. Свесен сум дека овие политики не се популарни, но се државотворни. Овие залагања, можеби не носат загарантирана победа на избори, но обезбедуваат иднина за сите“, вели Ахмети.
За жал, продолжува тој, „сведоци сме дека можело да се враќаме назад, да се заборави минатото и да се повторуваат грешките во сегашноста кои што ќе не чинат во иднината, и тоа од површни пориви“.

„На оваа 24 – годишнина, соочен повторно со кампањи за оцрнување и намерно и тенденциозно негативно претставување пред Македонецот, решив да се обратам директно, искрено, и да подадам рака до македонскиот народ, за заедништво, во одбрана на македонскиот и албанскиот јазик, во одбрана на идентитетот, на нашите посебности, еден за друг, заедно за европска Македонија.
Албанецот никогаш не го спорел македонскиот јазик и идентитет, историјата и културата, верата и државата. Барам и очекувам и Македонецот да ги почитува засебностите на мојот народ и да разбере конечно и без предрасуди дека од еднаквоста не губи ништо, напротив добива многу.
Велеа дека Охридскиот договор ќе ја уништи Македонија, дека правата на Албанците ќе ја федерализираат земјата, дека ќе се казнуваат Македонците кои не говорат албански, дека двојазичноста е крај за земјата, дека со Албанец премиер или спикер ќе ја снема Македонија, дека со Коридорот 8 се гради голема Албанија, дека Македонците се малцинство во Владата. Денес, 24 години по Охридскиот договор, очигледно дека сета таа горенаведена пропаганда е поразена, Македонија постои, членка е на НАТО и е определена за европска иднина за која што треба да продолжиме да работиме заедно“, заклучува Ахмети во обраќањето до јавноста по повод 24 години од Охридскиот рамковен договор.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата