Најдобра опција е да се продаде

ПОВИСОК НЕДЕЛЕН ЛИМИТ, ЦЕЛОСНА ИСПЛАТА НА ИДНИ ПРИЛИВИ И ОРГАНИЗИРАН ПРЕВОЗ ДО БИТОЛА за корисниците на „Алта Банка“

Vecer | 06.11.2026

 ПОВИСОК НЕДЕЛЕН ЛИМИТ, ЦЕЛОСНА ИСПЛАТА НА ИДНИ ПРИЛИВИ И ОРГАНИЗИРАН ПРЕВОЗ ДО БИТОЛА за корисниците на „Алта Банка“
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Народната банка продолжува со постепено олеснување на условите за располагање со средствата на клиентите на „Алта банка“ АД Битола, со цел да им се овозможи полесен пристап до нивните средства и непречено користење на банкарските услуги - изјави на попладневната прес-конференција гувернерот на Народната банка Трајко Славески.

Тој најави три нови олеснувања што се однесуваат на проширување на мрежата за исплата на готовина, зголемување на лимитите за користење на платежните картички и располагање со приливите од плати, пензии и социјални трансфери.

Неколку часа пред оваа прес-конференција, посочи Славески, филијалата на „Алта банка“ АД Битола е речиси празна.

- Опслужени се сите клиенти кои беа дошле утрово, приматели на социјална помош и оние приматели на пензии кои не успеале тоа да го направат. Нешто беше слично и во текот на вчерашниот ден. Работеше до 16:30, во периодот од 15:30 до 16:30 имаше само четири-пет лица кои беа опслужени. Утре ќе работи, како што е познато, во две смени - рече Славески.

Тој информира дека за утре, 7 ноември Народната банка на Република Македонија, за да им излезе во пресрет на оние граѓани од околните градови во Битола, а тоа се Прилеп, Ресен и Охрид, ќе организира автобуски превоз до филијалата на „Алта банка“ АД Битола, со цел и тие да можат да си ги подигнат своите пензии и социјална помош.

- Ова од логистичка гледна точка е многу поедноставно отколку подесување, снабдување со готовина на филијалите во овие градови. За точните распореди, датумите, тоа не мора да биде многу рано утрото, дополнително ќе ги известиме граѓаните. Понатаму, од понеделник, 9 ноември, ќе бидат отворени шалтери и во Тетово и Струмица, на кои граѓаните што немаат платежни картички ќе можат да подигнат до 20.000 денари. На овој начин, клиентите од овие градови и околните населени места ќе можат да ги подигнат средствата без да патуваат до Битола. Тоа е второто олеснување - рече Славески.

Дополнително, потенцира гувернерот, од следната недела неделниот лимит за подигање готовина и плаќање на продажни места со платежни картички на банката се зголемува од 10.000 на 15.000 денари.

- Третото олеснување се однесува на сите идни нови приливи од плати, пензии и социјални трансфери кои доаѓаат од институции или фирми кои имаат сметки во други банки. Нив граѓаните ќе можат да ги повлечат во целост. Повторувам, во целост, без ограничување на износот. Во таа смисла, клиентите на банката немаат потреба од отворање платежна сметка во друга банка, бидејќи ќе можат да располагаат со пристигнатите приливи по овие основи во целосен износ со користење на платежна картичка или подигање на готовина преку отворените шалтери на банката - информира Славески на прес-конференција.

Експертите за софтвер, појасни, работат деноноќно за ова да го овозможиме во текот на наредната недела, пред истекот на рокот за исплата на плати, којшто по закон го имаат компаниите.

- Инаку, исплатите на клиентите досега се одвиваат според утврдениот распоред. Како што знаете, од вчера започна исплата на средства на граѓаните кои немаат платежни картички. Исплатата продолжува и во следните денови. Филијалата во Битола работи во две смени, а ќе работи и во сабота, 7 ноември. Исплатата на средствата на корисниците на социјална помош започна од денеска. Во експозитурата во Битола денеска беа опслужени околу 660 клиенти на шест шалтери. Просечниот повлечен износ по клиент вчера беше околу 19.000 денари, а денеска околу 16.000 денари, што е очекувано поради пониските износи на социјални трансфери. „Алта банка“ АД Битола продолжува да работи. Не е во стечај и не е одземена дозволата за работа - истакна Славески.

Тој рече дека администрацијата е привремена мерка која се применува до промена на сопственоста, состојбата во банката е добра, таа е ликвидна и високо капитализирана со солиден квалитет на кредитното портфолио.

- Средствата на клиентите остануваат на нивните сметки. Привремените ограничувања се однесуваат на начинот на располагање со средствата и се воведени со цел да се зачува ликвидноста на банката и да се заштитат интересите на сите штедачи. Народна банка континуирано ја следи состојбата и ги приспособува мерките во согласност со нејзиниот развој, при што приоритет останува уредното опслужување на граѓаните и заштитата на интересите на клиентите на банката. Народна банка ги повикува граѓаните да ги следат информациите објавени преку официјалните канали за информирање на Народната банка - додаде Славески.

Најдобра опција за НБРМ е Алта банка да се продаде, досега 6 инвеститори пројавиле интерес, Славески се сретнал со 2 домашни инвеститори

- Најдобрата опција е ова што го правиме - заштита на имотот и штедните влогови на граѓаните и продажба на „Алта банка“ АД Битола. Ние размислуваме и во алтернативи за оние екстремни сценарија. Премиерот објасни што во такво сценарио што никој од нас не го посакува, истакна денеска гувернерот на Народната банка Трајко Славески.

Тој посочи дека бараат купувач за банката.

- Нормално, има некои што сами се јавуваат, со кои се остваруваат контакти, а секако сме и проактивни. Тоа го најави и премиерот. Така што ќе видиме кои се интересите, затоа што станува збор за навистина здрава банка, банка во регион традиционално концентрирана со голем потенцијал за развој на земјоделието и на индустријата, банка чија продажна вредност дури и за средни банки не претставува некој предизвик од финансиска гледна точка, но ние не можеме да зборуваме во името на заинтересираните инвеститори, рече Славески одговарајќи на новинарски прашање по прес-конференцијата на која ги соопшти олеснувањата за клиентите до пристапот на нивните средства во „Алта банка“, повисок неделен лимит и целосна исплата на идни приливи.

Посочи дека со шест инвеститори ќе имаат состаноци, а денеска имале со две домашни банки.

Во врска со тоа дали некое правно лице со сметка во „Алта банка“ може да исплати плата месецов на 100 вработени за овој месец, тој рече може на 101 вработен.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk