Министерството за транспорт и врски ги повика домашните камионски компании за меѓународен транспорт да не потпаѓаат на шпекулации кои може да наштетат на дијалогот со ЕУ во врска со статусот на домашните превозници кои патуваат во Шенген-зоната.
„Апелираме да не се потпаѓа на шпекулации и секаков вид непроверени информации кои може да наштетат на дијалогот. Особено не на шпекулации од соседните држави”, се вели во соопштението од ресорното Министерство за транспорт и врски.
Повод за апелот на Министерството се пишувањата на дел од медиумите од земјите на Западен Балкан дека Европската Комисија ги одбила предлозите на балканските транспортери околу правилото за престој во Унијата од 90 дена во текот на 180 денови во годината и најавите за можно повторно активирање на блокадите на надворешните копнени граници на ЕУ кон Западен Балкан.
„Секоја држава одлучува за себе. Македонија продолжува со дијалог за трајно решение“ е ставот на Министерството.
Во врска со престојот на превозниците во Шенген зоната би сакале да информираме дека во координација со Европската Комисија се работи на трајно решение. Ресорните министерства изминатиот период се во интензивна комуникација со ЕК со цел да се изнајде трајно решение, се истакнува во соопштението.
Министерството за транспорт тврди дека е во постојана комуникација со превозниците, како и со Европската комисија со цел изнаоѓање решение во рамки на новата визна стратегија која ја промовираше Европската Унија каде што се отвора можноста возачите да бидат третирани како професионалци како и можностите за друг вид визи.
„Би сакале да потенцираме дека е најавено одложување на примената на ЕЕС системот и дека активно сите чинители работат на решавање на овој проблем“, се наведува во соопштението потпишано од Министерството за транспорт и врски.
Оттаму уверуваат дека дијалогот со Европската Комисија е активен и сите можности се разгледуваат од страна на техничка работна група составена од сите ресорни министерства и претставници на Европската Комисија. Во следниот период разговорите продолжуваат со засилена динамика со цел наоѓање трајно решение кое е прифатливо за сите страни.
Како што пренесе Танјуг, цитирајќи го подгорички Вјесник, Европската Унија не ги прифатила предлозите на превозниците од Западен Балкан за решавање на проблемот со останувањето во Шенген зоната, според претседателот на Меѓународното транспортно бизнис здружение, Неѓо Мандиќ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата