logo
logo
logo

66 регистрирани политички партии во Македонија

Vecer | 12.08.2025

66 регистрирани политички партии во Македонија

Локалните избори се веќе распишани за 19 октомври (2 ноември втор круг), а најголем број од кандидатите се очекува да бидат познати до крајот на месецов. Поголемите политички партии веќе ги објавија имињата на нивните кандидати како за Градот Скопје така и за други градови и општини. Засега останува енигма колку политички партии и групи граѓани (независни) ќе имаат свои кандидати за градоначалници и за советници на осмите по ред локални избори во земјата.

Во Единствениот регистар за политички партии кој се води во Основниот граѓански суд Скопје до 7 август годинава беа евидентирани вкупно 66 политички партии, а една е во процес на регистрација. Постапки за регистрација на политички партии можат да се водат во судовите во Тетово, Штип и Битола. Според информациите на МИА во судовите во Тетово и во Штип во моментов нема постапка за регистрација на нови партии.

Зелен хуман град и Зелените од Гази Баба, Шанса за Центар и Независните за Карпош, кои имаа свои претставници во советите, овој пат решија да формираат партии откако не беа донесени измени на Изборниот законик во однос на собирањето потписи за независните кандидати односно група избирачи, како што се посочува во законот.

Од Независните за Карпош за МИА велат дека и покрај упатството на Државната изборна комисија кое го соопшти претседателот Борис Кондарко, тие ќе ја продолжат постапката за собирање потписи за регистрација на партија во Граѓанскиот суд во Скопје. Ние не знаеме, велат, дали можеби во меѓувреме во Собранието нема да се донесат измени на Изборниот законик или, пак, нешто друго. Партија формираат и Зелен хуман град, кои исто така продолжуваат да собираат потписи пред нотар.

ДИК во саботата на седница го усвои Роковникот за изборни дејствија за локалните избори и усвои заклучок со којшто вон сила се става Упатството на ДИК од 2024 за регулирање на постапката за собирање потписи и начинот на определување на нотарите согласно Изборниот законик.

Како што рече претседателот на ДИК, Кондарко, тоа упатство за регулирање на постапката за собирање потписи се става вон сила поради одлуката на Уставниот суд со која се укинати членови 61 и 62 од Изборниот законик каде што е предвиден број/процент  на потписи за предлагање листи на група избирачи.

Во сила е член 60 кој го регулира правото на учество на избори, согласно законот и Уставот секој има и активно и пасивно избирачко право да избира и да биде избран. ДИК нема право да ускратува никому и не ускратува законско право за учество на избори. Овде не се работи за одлука на ДИК туку за примена на законот. Така што, сите – политички партии, коалиции, група избирачи согласно член 60 имаат право на учество на изборите, рече Кондарко.

Уставниот суд ги укина членовите 17 и 18 од измените во Изборниот законик донесени на 7 март 2024, со кои партиите од власта и опозицијата здружено го зголемија прагот за потребни потписи на 1 отсто од гласачкото тело во изборна единица за учество на независните листи на изборите. Бидејќи Собранието не донесе измени на Изборниот законик во однос на бројката на потребни потписи се создаде правна празнина, и од тие причини дел од оние кои на минатите избори влегоа во советите на неколку скопски општини решија да формираат политички партии.

Според претседателот на Владата Христијан Мицкоски ставањето вон сила на Упатството на ДИК од 2024 за регулирање на постапката за собирање потписи и начинот на определување на нотарите согласно Изборниот законик не го нарушува изборниот процес за локалните избори, а ДИК има законска обврска да донесе ново. Какво ќе биде тоа, изјави вчера Мицкоски, зависи од самата Комисија.

Сега во овој случај одлуката е кај ДИК. Таа има механизам и членовите може да го донесат во својот правилник. Ќе си донесат нов правилник, рече Мицкоски.

Прашан дали тоа би значело оти независните кандидати повторно ќе треба да собираат потписи за учество на изборите, премиерот истакна дека тоа прашање како би изгледал новиот правилник треба да се постави на ДИК.

Тие, бидејќи го ставија стариот вон сила, согласно законските надлежности носат нов, така што ништо не е доведено под знак прашање, истакна премиерот Мицкоски.

Шеесет и шест политички партии (до 7 август) евидентирани во Единствениот регистар за политички партии

Дали и како навистина во Македонија функционираат 66 политички партии (со интенција да станат 69 до изборите)? Од судот ја добивме следната листа со евидентирани политички партии:

Нова алтернатива НА, Социјалдемократски сојуз на Македонија, Демократска партија на Турците на Македонија, ВМРО – ДМПНЕ (ВМРО – Демократска партија за Македонско национално единство, Социјалистичка партија на Македонија, Партија за демократска акција на Македонија, Македонска алијанса, Либерално демократска партија – ЛДП, Сојуз на Ромите на Македонија, Работничко–земјоделска партија на Република Македонија – РЗП, Демократски сојуз ДС, Партија за движење на Турците во Македонија ПДТ, Демократска партија на Србите во Македонија ДПСМ, Партија на Власите на Македонија, Српска прогресивна партија на Македонија ЦХМ, Единствена Македонија ЕМ, Демократски сојуз на Власите на Македонија – ДСВМ, Демократска унија за интеграција – ДУИ, Трајно Македонско радикално обединување – ТМРО, Демократски сили на Ромите – ДСР, ВМРО–Народна партија ВМРО–НП, Нова социјалдемократска партија – НСДП, Демократска обнова на Македонија – ДОМ, Демократска партија на Албанците – ДПА, Социјалдемократски сојуз – СДУ, Партија на обединетите демократи на Македонија – ПОДЕМ, Обединети за Македонија – ОМ, Нова либерална партија – НЛП, Движење за национално единство на Турците – ДНЕТ, Дотоинство, Демократска партија на Ромите ДНР, ПАРТИЈА ЗА ПЕНЗИОНЕРИ – ПП, Десница, Работничка партија РП, Граѓанска опција за Македонија – ГРОМ, Обединета партија за еднаквост на Ромите – ОПЕР, Српска партија во Македонија ССМ, Партија за социјален и економски напредок – ПОЕН, РОМИ ОБЕДИНЕТИ ОД МАКЕДОНИЈА РОМИ, Движење БЕСА „БЕСА“, Алијанса на Албанците „А/А“, Левица, Македонска акција МААК, ГЛАС за Македонија ГЛАС, Бошњачка демократска унија – БДС, ДЕМОКРАТИ – ДЕМ, ИНТЕГРА – МАКЕДОНСКА КОНЗЕРВАТИВНА ПАРТИЈА – ИНТЕГРА, Партија за демократски просперитет на Ромите ПДПР, АЛТЕРНАТИВА, ПАРТИЈА ЗА ЦЕЛОСНА ЕМАНЦИПАЦИЈА НА РОМИТЕ ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ПЦЕР на ЕСМ, ЦЕНТРАЛЕН ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ ЦДУ, Ваша партија – Ваша, Родина Македонија РОДИНА, МАКЕДОНСКА ЕРА ТРЕТА/МАКЕДОНСКА НЕЗАВИСНА ЛИСТА – СУВЕРЕНИСТИ ЕРА ТРЕТА, ДВИЖЕЊЕ ЗА ДЕМОКРАТИЈА, ПРАВА, СЛОБОДА – ДПС, ОПРЕ РОМА, Политичка партија Македонска концепција – Концепт М, ЕВРОПСКО ГРАЃАНСКО ДВИЖЕЊЕ ЕГД, Политичка партија ДЕСНО, Европска демократска партија – Партија демократике Европа – ЕДП – ПДЕ, ДЕМОКРАТСКА ВИЖЕЊЕ ДД, Движење на народот ДП, Сојуз на Ромите УР, Движење ЗНАМ ЗА НАША МАКЕДОНИЈА – Движење ЗНАМ, БОСНА НАРОДНА ПАРТИЈА – БНП и АБАЈА АБАЈА.

Со постојниот закон, е предвидено дека политичка партија можат да основаат најмалку 1.000 граѓани на земјата, кои имаат право на глас и кои го дале својот потпис за основање само на една политичка партија.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk