logo
logo
logo

Македонија се сеќава на трагедијата во Кочани: Една година без 63 млади животи

Vecer | 14.03.2026

Македонија се сеќава на трагедијата во Кочани: Една година без 63 млади животи

Македонија денеска одбележува една година од најголемата трагедија која се случи во Кочани. Пожарот во кој загинаа 63 млади луѓе и деца , а беа повредени 193, се случи на 16 март во ноќниот клуб Пулс. Една година по трагедијата во тек е судскиот процес во кој се обвинети 35 лица.

По повод годишнината од трагичниот пожар денеска во црквата „Св. великомаченик Георгиј“ во Кочани се одржува литургија за упокоените, а во 9:30 часот – општ парастос за упокоените во пожарот во дискотеката „Пулс“.

Со верските обреди чиноначалствуваат Неговото блаженство архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан и Неговото високопреосвештенство митрополитот на Брегалничката епархија г. Иларион.

На државно ниво денеска во Скопје се одржува меѓународна конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани. На конференцијата ќе учествуваат високи државни претставници, меѓународни експерти и водечки медицински професионалци од регионот и Европа.

Воведните обраќања на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство Азир Алиу и министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, по што ќе се следува краток комеморативен момент посветен на жртвите и последиците од трагедијата.

Темата на првиот панел насловен „Европскиот механизам за цивилна заштита и меѓународниот одговор“ ќе бидат меѓународните реакции по пожарот, координацијата меѓу државите и активирањето на европските механизми за итни ситуации.

Панелисти се Ивица Томовски, директор на СОЗР, Сиен Ванломел, DG ECHO – ERCC, д-р Игор Мерџановски, директор на ТОАРИЛУЦ, Панче Тошковски, министер за внатрешни работи, Владо Мисајловски, министер за одбрана и Валентина Атанасовска, Државен завод за статистика, одделение за меѓународна соработка.

Вториот панел „Национален и меѓународен здравствен одговор и акутен третман на изгореници“ се фокусира на медицинскиот одговор, тријажата, ургентните постапки и сложените третмани за изгореници.

Панелисти ќе бидат прим. д-р Јасмина Горѓиевска, директор на УК за пластична хирургија, проф. д-р Марија Срцева, анестезиолог, ТОАРИЛУЦ, д-р Елизабета Обочки, пластичен хирург, доц. д-р Марко Јовиќ, Клинички центар Србија, д-р Крисаги Гинаки, интензивист, Болница Папаниколау – Солун и д-р Влатко Захариев, директор на КБ Штип.

Мултидисциплинарниот пристап, рехабилитација и опоравување ќе бидат во фокусот на третата панел дискусија на која ќе учествуваат д-р Катерина Мирчовска, директор на ОБ Кочани, проф. д-р Славица Арсовска, директор на УК за психијатрија, проф. д-р Маја Аргирова, Пирогов, Бугарија, д-р Божидар Поповски, пулмолог, проф. д-р Катерина Дамевска, директор на УК за дерматологија и д-р Симона Јовановска, физијатар, ОБ Кочани.

Панелот „Од искуство до решенија – улогата на заедницата и институциите“ започнува со видео пораки од пациенти и продолжува со дискусија за институционалното учење, хуманитарната поддршка и потребата од системски реформи.

Панелисти се д-р Владко Грозданов, градоначалник на Кочани, Саит Саити, генерален секретар на Црвен крст, д-р Небојша Настов, УК „Наум Охридски“, д-р Бесник Хамити, кабинет на министерот за здравство ид-р Надиа Депетрис, претседател на Европската асоцијација за изгореници (ЕБА).

Конференцијата завршува со презентација на министерот за здравство Азир Алиу за националните решенија, доделување благодарници на здравствените установи и официјално обраќање на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk