Премиерот Христијан Мицкоски од Њујорк порача дека Македонија останува на европскиот пат, но дека евроинтеграцијата не смее да се претвори во процес за менување на македонскиот идентитет. Тој посочи на неформален француско-германски документ кој, според информациите што ги слуша од Брисел, би можел да стане официјална политика на ЕУ, но за можниот исход остана внимателен: „Ќе видиме“.
– Имаше заедничка презентација од Франција и Германија на еден документ којшто е неформален. Од Брисел слушаме дека можеби на следните заклучоци на Советот овој документ би можел да стане нешто што е официјална политика на ЕУ. Ќе видиме. А, во меѓувреме ние целосно ја усогласивме нашата заедничка надворешна и безбедносна политика со ЕУ. Нашето законодавство е помалку или повеќе усогласено со она на ЕУ. Ние не само што чекаме, ние работиме на нашиот развој, ја завршуваме нашата домашна задача, не го губиме времето, туку напротив, ова е нашиот стратешки камен-темелник и ќе останеме на тој пат напред – изјави премиерот Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата