Во недостаток на креативни политики СДСМ секој ден ја повторува истата приказна за Куманово. Многу тешко им паѓа улогата на длабока и безизлезна опозиција, соопштија вечерва од движењето ЗНАМ.
„Ја разбираме нивната ситуација во која се наоѓаат, впрочем така се однесуваа со граѓаните целиот период на седумгодишното малтретирање на Македонија, без идеја, без цел, без визија, мандат исполнет со криминал
и корупција.
Има уште доста време до почетокот на кампањата за локалните избори, ние како Движење ЗНАМ - За Наша Македонија пред граѓаните ќе настапиме со позитивна кампања со проекти, со идеи, со визија, со срце на секоја Наша општина. Тоа е разликата во нашиот и нивниот пристап во политиката.
Граѓаните го препознаваат нашиот позитивен дух и секојдневно масовно ни се придружуваат. СДСМ ќе ги оставиме да тонат во живиот песок на нивната голгота и немоќ“, соопштија од ЗНАМ.
Претходно кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски посочи дека постои нервоза во ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.
„Голема нервоза во белата палата. Го извадиле Бране – човекот кој е директно против сиромашни работници и повисоки плати – да врти стари лаги и да ме клевети. Клеветите не поминуваат, вистината во Куманово излезе на виделина.
Најголемиот криминалец е токму нивниот измеќар – Максим Димитриевски. Тој што сега им се клања, за да го спасат од одговорност“, посочи Костовски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата