logo
logo
logo

140 ДЕНАРИ ЗА СЕКОЈ СТУДЕНТ: од 26 август почнува пријавувањето за субвенциониран оброк

Vecer | 24.08.2026

140 ДЕНАРИ ЗА СЕКОЈ СТУДЕНТ: од 26 август почнува пријавувањето за субвенциониран оброк

Министерството за образование и наука го објави повикот за субвенциониран студентски оброк за академската 2026/2027 година, со кој студентите што ги исполнуваат условите ќе можат да добиваат финансиска поддршка за оброк. Правото е наменето за државјани на Македонија кои се редовни студенти на прв или втор циклус, како и на интегрирани студии на државните и приватните универзитети, а услов е нивните месечни приходи да не го надминуваат износот на минималната нето-плата во земјава.

Кандидатите треба да се пријават електронски на https://e-uslugi.mon.gov.mk/и при пријавувањето да ги пополнат обрасците Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и Изјава за точност на внесените податоци во пријавата за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и потпишани да ги прикачат кон електронската апликација на https://e-uslugi.mon.gov.mk/

Рокот за пријавување за тековните студенти, како и за лицата кои ќе се запишат и ќе се стекнат со статус на студенти во академската 2026/2027 година, е од 26 до 31 август 2026.

„Исто така, почнувајќи од октомври, секој 1. до 5. во месецот за секој месец од академската 2026/2027 година ќе тече рокот за пријавување на студентите кои не го оствариле правото на субвенциониран студентски оброк по Јавниот повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк или чие право престанало поради неисполнување на некој од критериумите, тогаш кога повторно ќе ги исполнуваат критериумите наведени во овој повик. Сите студенти кои го оствариле правото на студентски оброк ќе почнат да ги примаат средствата во месецот што следува по завршувањето на месецот во кој се пријавиле за правото на студентски оброк“, соопшти МОН.

Субвенциониран студентски оброк е финансиска поддршка во износ од 140 денари, која студентот ја добива од Министерството за образование и наука за купување приготвена храна.

Корисниците имаат право услугата да ја користат од понеделник до сабота. Доколку корисникот на субвенциониран студентски оброк во периодот од понеделник до сабота не го искористи правото на оброк, износот му е достапен на користење на сметката до крајот на тековната седмица, заклучно со сабота. Правото за субвенциониран студентски оброк корисникот не може да го остварува во периодот од 1 јули до 1 октомври во годината во која се стекнал со правото на субвенционирање студентски оброк, како и за време на државни празници и неработни денови.

Министерството за образование и наука склучи договор со Шпаркасе банка АД Скопје за реализација на исплатите за субвенциониран студентски оброк. Оттаму, сите студенти кои ќе се стекнат со ова право , ќе треба да потпишат договор со Шпаркасе банка за отворање посебна сметка, поврзана со наменска платежна картичка за субвенциониран студентски оброк, независно од тоа дали претходно биле клиенти на таа банка. Рокот и начинот на подигање на картичките ќе биде дополнително објавен од Министерството и Шпаркасе банка.

Јавниот повик на МОН содржи повеќе информации за условите за остварување на правото субвенциониран студентски оброк и за начинот на аплицирање. За сите прашања поврзани со пријавувањето на корисниците МОН обезбеди поддршка преку Секторот за ученички и студентски стандард и можност да се контактира по електронска пошта: [email protected]

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk