Веќе година дена се зборува за закана од широка војна во Европа. Не за украинската, туку за просторот од Полска до Британија, од Шпанија до Финска, од Унгарија до Грција... некаде попат сме и ние, овде.
Војна најавуваат Германци, Британци, Французи, Пољаци, Литванци... Војна најавува и НАТО. Ги слушаме изјавите на упатени во состојбите од двете закрвени страни како Ердоган, Вучиќ, Трамп или Виктор Орбан.
Во најава, во тек, се предлози за мир од Вашингтон и Брисел но, далеку е тоа без оглед што наведените изразуваат оптимизам. Постои и трета страна која на крај треба да каже што ќе биде.
Трамп изјави дека досега запрел 6 војни, кога ги набројуваше една од нив беше закана за војна помеѓу Србија и Косово. А пред неколку дена имаше пукање од Косовари кои со 6 џипа влегле во Србија, пукале по војската и избегале.
Па, ќе има ли војна во Европа?
Ако ги гледате странците, политичарите и експертите од Европа војната е на прагот. Но, не земајте здраво за готово секоја нивна изјава. Има таму, од нив и кај нив, многу манипулации со намера да се влијае на јавната свест и извлечат стотици милијарди од буџетите за воена индустрија. А воената индустрија има моќ и пари да нарача и добие новинари, експерти и политичари кои ќе им завршат работа да се дига тензија и народот без многу отпор да прифати усмерување на парите од буџетот на сметка на воената индустрија. Се е тоа трка за профит.
Го видовме тоа сега скоро, во кампањите за вакцинација против Ковид по секоја цена. Кога помина Ковидот излегоа на површина измами, корупции, нарачани паники, купени политичари од врвот на САД и ЕУ да ја шират паниката и да го држат под пресија и дисциплина населението ако не прифати и не слуша. Имаше ширење стигма и казни за “антиваксери“. Имаше се како вежба за контрола на колективниот ум. Тоа искуство сега се сели на нов терен: дајте пари за оружје.
Јас со децении тврдам дека имаме, иако не многу, но сепак имаме доктори, професори, новинари, мајстори, политичари, занаетчии... кои имаат квалитет равен или подобар од она што го гледаме во Европа. Разликата ја прават условите за работа и функционирањето на правниот систем. Во поинакви услови, сите набројани, можат ладно да се мерат со европскиот врв во своите професии.
Војната во Украина почна на 24. февруари. Наводно, во Европа беа изненадени, а особено шокирани во Украина?! Не е можно да е така. Има десетина суперјаки разузнавања низ Европа, плус украинското кое е на високо ниво, за да бидат изненадени дека 150.000 руски војници ќе им влезат во државата сосе тенкови и опрема која не се спрема и мобилизира преку ноќ, туку со години.
Никој од нив не беше изненаден. Да беше ќе имаше смени во државниот и разузнавачки врв – а ги немаше. Не. Многумина ја сакаа таа војна за свој профит. И ја добија. И сега имаме војна за нов светски поредок во Украина, и имаме војна на воената индустрија против цивилите како да им се земат парите за нова војна која, за разлика од првата што ги “изненадила“, е многу малку веројатна.
Значи, “неочекуваната “ војна во Украина почна на 24. февруари 2022, а веќе по само месец дена, на 23. март таа година бев гостин со Павле Богоевски на Само вистина, кај Тамара Стојкова, на Канал 5. Емисијата се уште ја има на Јутјуб со респективни околу 27.000 прегледи. Тема: Војната во Украина, тукушто започната.
Од мене, пред три и пол години, месец дена по почеток на војната беше кажано: Војната ќе трае долго, со години. Толку долго што пола сегашни европски лидери тогаш нема да бидат на функција. Европа се милитаризира, генералите се главни во јавноста на штета на цивилните теми и потреби, и Европа е сигурен губитник, колатерална штета во оваа војна и ќе ја плати цената со милитаризација, наметнување воени теми врз цивилните и поделби по прашања на војната. НАТО е сигурен добитник, добива повеќе пари и единство од порано и се урна идејата на Макрон за европска војска. Русија е подготвена за долга војна, и до 7-8 години, и кога ќе се договара мирот сегашниот Зеленски нема никој ни да го праша... Ќе биде сменет од неговите... До последна реченица, кажаното го гледаме денес!
Дали некој Латас, од Македонија, само месец дена по почетокот на војната знаел повеќе од стотина експерти и генерали кои во меѓувреме се изнаредија по европските и американски телевизии со тврдење дека ќе биде поинаку? Не, тие знаат повеќе. Но, парите решаваат кој ќе добие право да зборува, кој ќе добие јавност на светската сцена и кому социјалните мрежи ќе дадат промоција.
Па, со тој авторитет, еве јас да ја олабавам јавноста: Македонија нема причини да се плаши дека ќе гледаме репризи од Првата и Втората светска војна на овој терен. За среќа, ние сме сега далеку од главните фронтови, за разлика од тогаш имаме своја држава и своја власт и единствено за кое треба да водиме грижа е дали ќе се војува во Косово и Босна. Тоа се пожарите што допираат и до нас.
Ако се пука во Босна, тоа е експлицитно вовлекување на Србија во таа војна. Ако се пука на Косово и во Србија, ние ќе имаме море бегалци од Косово и сакале-несакале внатрешни тензии со Албанците и со бегалците од Косово кои ќе направат се што можат да ја вовлечат Македонија на своја страна во судирите.
Но, сега власт не е ни Љубчо Георгиевски ни Зоран Заев кои одлучуваат според кешот кој им се нуди. Од искуство знаеме дека со нив е така, и како со нив би било.
Нема закана за војна која би се водела во Македонија затоа што сега нема власт која е зависна од банкомат. Како во 2001, и како што се продаваше за потребите на Грција и Бугарија. Нема кој да продава државно и да ќари приватно. Тоа е клучот.
За некои еуфоријата, за другите во мнозинство траумата, дали ќе има голема војна во Европа е финансиска дилема на големите играчи. Финансискиот биланс кажува дека Европа нема пари за голема војна, а Русија нема ни капацитет да војува против НАТО во Европа која има 400 милиони жители. И тука завршува дилемата.
Во една друга емисија, кај Богдан Бетмен на Алфа лани кажав дека паралелно со следење на вестите од Украина, треба да се следат и вестите од Германија.
Историјата е мајка на знаењето, особено во политиката, а мајката кажува дека кога Германија ќе се активира за војна и интензивно вооружување тоа не е на арно. Токму затоа Германија имаше забрана за масовно вооружување скоро 80 години, од Втората светска војна до денес и силна контрола врз армијата.
Но, сега се користи воениот амбиент од Украина и Германија реши во наредните три години да потроши наменски издвоени 500 милијарди евра за ново оружје.
Што би рекол Чехот Карел Чапек: “Мирот пристигна! Сега повторно можеме да се посветиме на понатамошно вооружување.“ Не знам како се кажува на германски, но верувам дека мислел на нив кога ова го смислил.
Рускиот годишен буџет е околу 130 милијарди евра. Бундестагот одобри буџет од 540 милијарди евра за 2026 година. А за ново оружје и војска за три години се планирани 500 милијарди, или цел годишен буџет на Германија. Тоа е како Македонија да се донесе одлука за три години да инвестира 6 милијарди евра во оружје и војска... За која цел и каде се употребуваат толку пари. А парите се големи: многу тендери, многу посредници, многу “експерти“ и консалтинг... И многу пари за медиумите и експертите кои подигаат воена атмосфера.
И сега доаѓаме до логичните прашања. Како соседна Франција и Полска кои имаат историски последици од вооружувањето на Германија ќе ги примат сознанијата дека Германија станува централна воена сила во Европа, далеку помоќна од нив? Дека им презема доминација и контрола врз Балканот, и им наметнува темпо?
Значи, ќе има тензии во Европа која традиционално е оптоварена со национални, верски и етнички предрасуди, со историски опашки, со внатрешни тензии помеѓу домородците и се повеќето мигранти, и со лажна свест дека е најбитна во Светот.
Но, до војна е далеку. Америте не би ја дозволиле, пред се заради губење пазар за своите мега компании и трошоците кои би ги имале да ја смират таа војна. Владата на Трамп е практична, за разлика од претходната на Сорос која беше идеолошки терминатор, фабрика за перење мозоци за идеолошко преземање власт во туѓи држави без победа на избори, и без оглед на цената. Оваа сега е нешто друго.
Секој има причина да се чувствува безбеден во овие воени приказни со сегашната македонската власт. Замислете воени тензии низ Европа, а кај нас на власт Зоран Заев или Венко Филипче. Тоа би била трагедијата каква што видовме со корупцијата во време на Ковид епидемија - помножена со десет! А и кај нив приходите од воената корупцијата помножени со десет! Докажано.
Со нив, денес би бил денот пред одење во војна! Каде и да е, само ќар да имаат.
Д.П. Латас (23.11.2025)
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата