Историјата покажува дека најголемите придобивки доаѓаат од намалување на ризиците и опасностите по животот. Во контролата на маларијата, на пр., се проценува дека напорите за медицинска превенција спасиле околу седум милиони животи... Следат пет пронајдоци на човекот, коишто според историските проценки на научниците и историчарите на медицината, спасиле најмногу животи.
1. Вакцини
Според оваа листа, вакцината е најмоќниот медицински пронајдок во човековата историја. Од првата вакцина против сипаници развиена од Едвард Џенер кон крајот на 18. век до современите вакцини против детска парализа, мали сипаници и тетанус, имунизациите спречиле стотици милиони смртни случаи. Највпечатлив пример можеби е искоренувањето на сипаниците во 1980 година - болест којашто со векови убивала милиони луѓе годишно. Денес, се проценува дека вакцините спасуваат повеќе од 4-5 милиони животи ширум целиот свет секоја година.
2. Антибиотици
Откривањето на „Пеницилинот“ во 1928 година од страна на Александар Флеминг ја промени медицината, велат лекарите. Пред антибиотиците, вообичаена бактериска инфекција, како што е пневмонијата или инфекција на рана можеше да биде фатална. Антибиотиците овозможија да се вршат безбедни операции, трансплантација на органи, лекување сепса и спречување компликации за време на породувањето.
Се проценува дека антибиотиците спасиле десетици милиони, ако не и стотици милиони животи - од нивната широка употреба за време на Втората светска војна досега.
3. Чиста вода и канализација
Современите системи за водовод и канализација драматично ја намалија смртноста од заразни болести, како што се колера, тифус и дизентерија. Во средновековието, па сѐ до 19 век, градовите биле жаришта на епидемии поради контаминирана вода. Откако Британецот Џозеф Базалџет, по „Големата смрдеа“ во Лондон, (1858 - кога реката Темза станала отворена канализација), го проектира првиот современ градски канализациски систем во Лондон, се чини, сѐ се менува.
Водоводот е древен пронајдок, но осовременувањето се случува дури последниве 200 години, особено после проектите на Базалџет, но голем удел има и Американецот Абел Волман кој го утврдил процесот на хлорирање. Воведувањето филтрација, хлорирање и контрола на квалитетот на водата спасило милиони животи до денес, особено деца. Историчарите на јавното здравје честопати истакнуваат дека чистата вода имала поголемо влијание врз продолжувањето на животниот век од многу лекови.
4. Анестезија
Пред изумите на Вилијам Мортон и Хорас Велс во 1840-тите и воведувањето на анестезијата кон средината на 19. век, операцијата била исклучително болна и, честопати - смртоносна. Развојот на општата и локалната анестезија потоа овозможила и посложени хируршки зафати - од царски рез до операција на срце. Анестезијата овозможи развој на современата медицина и хирургија, спасувајќи безброј животи кои претходно би биле изгубени поради повреда, компликации при бременост или внатрешни заболувања.
5. Инсулин
Откривањето на инсулинот во 1921 година беше пресвртница за луѓето со дијабетес тип 1. Пред научните трудови на канадскиот „Нобеловец“ Фредерик Бантинг и Чарлс Бест од САД, оваа дијагноза значеше речиси сигурна смрт во рок од месеци или години. Инсулинот им овозможи на милиони луѓе да живеат долг и квалитетен живот. Денес, благодарение на современите терапии и следењето на гликозата, дијабетесот веќе не е смртоносна болест каква што беше некогаш.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата