Тој е обвинет за олеснување на терористички активности; оваа вест во средата ја пренесе агенцијата „Интерфакс“, пишува „Ројтерс“.
Според извештаите на руските државни медиуми од март, ФСБ тврди дека од почетокот на војната во Украина, преку „Телеграм“ биле извршени повеќе од 153.000 кривични дела.
Меѓу нив, како што наведуваат, има околу 33.000 случаи поврзани со саботажа, тероризам и екстремизам – како што се организирање експлозии, подметнување пожари во воени објекти и убиства.
Дневниот весник во државна сопственост „Росијскаја газета“, повикувајќи се на материјали од ФСБ, тврди дека благодарение на работата на безбедносните служби биле спречени 475 терористички напади, наводно планирани преку „Телеграм“.
Според истите наводи, оваа бројка вклучува 61 планиран напад врз училишта. Руските власти исто така тврдат дека терористичкиот напад врз концертната сала „Крокус сити хол“ во март 2024 година бил координиран преку „Телеграм“.
Понатаму, тие наведуваат дека апликацијата се користела за собирање податоци за руски воени претставници, блогери и нивните семејства, вклучувајќи информации за нивното движење и секојдневни навики.
Според Москва, регулаторното тело „Роскомнадзор“ во последниве години испратило повеќе од 150.000 барања до „Телеграм“ за отстранување незаконска содржина, но компанијата наводно ги игнорирала.
Руските власти инаку, уште во февруари го прогласија „Телеграм“ за закана по националната безбедност.
Павел Дуров тогаш го обвини Кремљ за ограничување на пристапот до апликацијата со цел да ги принуди граѓаните да ја користат државната апликација за пораки „МАКС“ (MAX), која Москва ја претставува како безбедна домашна алтернатива на „Телеграм“ и „Ватсап“. Истовремено, во неколку руски градови беа забележани прекини и забавување на работата на „Телеграм“. Според „Киев пост“ (Kyiv Post), руските власти постепено ги насочуваат корисниците кон апликацијата „МАКС“, додека некои руски воени блогери предупредуваат дека станува збор за технички полошо и помалку безбедно решение, кое не поседува енд-ту-енд (end-to-end) енкрипција.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата