Според проценките на експертите, економската штета предизвикана од сушите и горештините во Европа би можела да достигне и до 126 милијарди евра годишно до 2029 година, пренесува ХРТ.
Последиците се видливи низ целиот континент.
Во периодот од април до јуни, на огромни површини од Европа – кои се протегаат од Португалија до јужна Финска – се регистрирани врнежи под просекот за овој период од годината.
Ова, во комбинација со последователните топлотни бранови, ја засили сушата и доведе до невообичаено ниски водостои на реките, особено на Дунав и Рајна.
Влијанието ги надминува рамките на големите речни системи; и алпските езера останаа без вода. Езерото Брене (Lac des Brenets), сместено на швајцарско-француската граница, речиси пресуши и е непроодно за пловни објекти веќе повеќе од една недела.
„Загрижен сум; ова се катастрофи какви што не можевме ни да замислиме. Очекувавме многу работи, но не и суши што се појавуваат една по друга во толку краток интервал. Тоа тешко нè погодува бидејќи едноставно сме беспомошни пред ваквите климатски промени“, изјави Иван Дуриг од Ле Брене, Швајцарија.
Поради сушата, Франција стравува од најслабата жетва на пченка во последните 50 години, додека Шпанија го ограничи пристапот на земјоделците до вода за наводнување. Холандија минатата недела воведе посебни мерки поради недостигот на вода, а на седум грчки острови беше прогласена вонредна состојба.
Екстремно ниското ниво на водата го попречи и транспортот на стока по реката Рајна, принудувајќи ги германските фабрики да го намалат производството. Некои економисти предупредуваат дека прекините во транспортот би можеле да го намалат германскиот економски раст за 0,2 процентни поени.
Бидејќи Рајна ги поврзува индустриските центри на Швајцарија, Германија и Холандија со Ротердам – најголемото пристаниште во Европа – проблемите во речниот транспорт брзо влијаат врз голем дел од европската економија.
Биологот Торстен Ренебарт од Институтот за истражување на езера во Келн ја објасни состојбата на Рајна: „Вообичаено, водостојот е низок во зима, а висок во лето, бидејќи реката се полни со вода од Алпите. Кон крајот на пролетта или почетокот на летото, снегот на Алпите се топи и тогаш обично имаме голем прилив на вода. Сепак, минатата зима имаше многу малку снег, а сега нема вода.“
Научната мрежа „World Weather Attribution“ во своите анализи наведува дека климатските промени не биле причина за значителниот недостиг на врнежи во Европа во периодот од април до јуни. Сепак, научниците објаснуваат дека високите температури и сè почестите топлотни бранови стануваат главниот двигател на сушата. Имено, порастот на температурите ја зголемува способноста на атмосферата да ја извлекува влагата од почвата, реките, езерата и акумулациите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата