И токму кога помислија дека нивните напори се залудни, научниците направија фантастично откритие на северот од оваа американска држава, објавува Дејли Меил.
Снимено само во четири окрузи
Целиот потфат е опишан во нова студија, објавена во списанието „The Florida Field Naturalist“, додека фокусот е на редок вид саламандер (Stereochilus marginatus) кој не е виден во Флорида повеќе од 33 години.
Станува збор за автохтон вид на крајбрежните области од североисточна Флорида до Вирџинија, а претходно бил регистриран само во четири окрузи - Бејкер, Колумбија, Насау и Јунион - пред речиси да исчезне.
Експертите од Универзитетот во Џорџија забележуваат дека Stereochilus marginatus е опишан како „мистериозен“ вид, кој живее главно во вода.
Успех на две локации
Помеѓу 2022 и 2024 година, истражувачите испитале повеќе од десетина локации на мочуришта низ Северна Флорида, користејќи различни методи на истражување. Сепак, високите нивоа на вода ги направиле некои локации недостапни, па научниците развиле иновативна техника - поставување мрежи исполнети со лисја на дното на потоците за да ја имитираат калта и остатоците што ги претпочитаат саламандерите.
На крајот, тие го пронајдоа Stereochilus marginatus само на две локации - 17 единки во Националната шума Осеола и шест единки во Државната шума Џон М. Бете.
Иако ова е големо откритие, истражувачите предупредуваат дека останува нејасно колку е стабилна популацијата на овој вид, која може дополнително да биде загрозена од климатските промени и уништувањето на живеалиштата.
„Stereochilus marginatus е уникатен дел од природното наследство на Флорида“, забележаа тие.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата