Студија објавена во престижното списание Pediatrics од страна на Американската академија за педијатрија отвора сериозна дебата за присуството на ГМО производите во исхраната на најмладите. Водечките автори нагласуваат дека примарната цел на генетскиот инженеринг во САД не е зголемување на хранливите вредности, туку создавање на култури отпорни на хемиски хербициди. Како директна последица на оваа технологија, употребата на хербициди енормно порасна, а остатоци од овие токсини сè почесто се детектираат во производите што децата секојдневно ги консумираат. Централно место во оваа загриженост зазема глифосатот, кој Светската здравствена организација го класифицира како веројатен канцероген за луѓето, а кој преку ГМО житарките навлегува дури и во производите од животинско потекло и водата за пиење.
Педијатрите предупредуваат дека децата се несразмерно повеќе изложени на ризик поради нивната помала телесна тежина и организми кои се во фаза на развој.
Дополнителен предизвик за родителите претставува збунувачкото етикетирање, каде што термините како „биоинженеринг“, наместо „генетки инженеринг“, може да ги доведе родителите во заблуда дека станува збор за природен производ, пишува „Beyond Pesticides“.
Во овој лавиринт од информации, авторите на студијата ја посочуваат органската храна како најефикасно решение за заштита на здравјето. Производите со ознаката на националните органски програми гарантираат дека при нивното производство не се користени ГМО технологии ниту синтетички пестициди, што ги прави најсигурен избор за сите возрасти.
Придобивките од преминот кон органска исхрана се научно поткрепени и видливи за многу кратко време. Истражувањата покажуваат дека усвојувањето на целосна органска диета може да го намали нивото на пестициди во организмот за неверојатни 98,6 проценти во рок од само две недели. Специфично за глифосатот, студиите потврдуваат дека неговото ниво може да падне за 70 проценти по само една недела органска исхрана, што е особено значајно за бремените жени и малите деца. Овој пристап не само што ја намалува токсичната изложеност, туку и овозможува побрза регенерација на ДНК во споредба со исхраната базирана на хемиски интензивни земјоделски практики.
Покрај директните здравствени закани, интензивното прскање на ГМО културите доведе до создавање на отпорни „супер-плевели“, што ги принудува земјоделците да користат уште поагресивни хемиски коктели. Овој маѓепсан круг резултира со кумулативен товар врз детскиот организам, каде што при секој оброк се внесуваат повеќе различни хемиски остатоци одеднаш. Заклучокот на медицинските експерти е дека изборот на органски сертифицирана храна не е само прашање на личен претпочитање, туку суштинска алатка за прекинување на оваа „пестицидна вртелешка“ и долгорочна заштита на јавното здравје и животната средина.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата