Долината на реката Мазове во Зимбабве е зафатена од вистинска златна треска која радикално го менува пејзажот и економијата на земјата. Додека багерите ги прекопуваат ридовите, а речниот тек се пренасочува за испирање на рудата, државата која долго време се сметаше за економски безнадежна доживува необичен процут, пренесува „The Economist“.
Благодарение на рекордните цени на златото и другите суровини како литиум и хром, Зимбабве успеа да ја заузда инфлацијата и да го поттикне стопанскиот раст на над 7,5% за 2025 година, што е двојно повеќе од африканскиот просек. Силниот прилив на капитал од рударството, но и рекордниот род на тутун и дознаките од дијаспората, создадоа ситуација каде државата веќе нема потреба масовно да печати пари.
Сепак, овој економски напредок има и своја темна страна. Рударските активности предизвикуваат сериозно загадување на водата со жива и цијанид, додека голем дел од профитот завршува на црниот пазар или во рацете на моќници поврзани со власта. Иако обичните граѓани чувствуваат одредено подобрување преку зголемена потрошувачка на електроника и возила, политичката клима останува сурова. Претседателот Емерсон Мнангагва, на 83-годишна возраст, се обидува да го измени Уставот за да си го продолжи мандатот, со што би ја зацврстил својата моќ преку систем на политички услуги и лојалност, наместо преку демократски избори.
На меѓународен план, Зимбабве останува изолиран од западните финансиски текови поради огромните долгови и одбивањето да спроведе политички реформи. Владејачката партија ZANU-PF покажува мал интерес за нормализација на односите со Западот, дури и под администрацијата на Трамп, претпочитајќи ги кинеските партнери и постојниот систем кој овозможува лесна заработка од природните ресурси.
Зимбабве е новото Елдорадо, но само за избраните: Сјајот на златото крие сурова диктатураДодека елитата ужива во богатството од златото, а дијаспората ги издржува најсиромашните, режимот успешно ја одржува контролата, избегнувајќи какви било промени што би значеле губење на нивната политичка и економска доминација.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата